Храброста е отфрлање на стравот што го носи секој проблем

72

проф. д-р Кирил Темков

Многу е подобро кога се покажуваат храброст и решителност, отколку страшливост и малодушност! Храброста значи отворено да се реши прашањето, а не да се одложува соочувањето со него. Храброста е отфрлање на стравот што го носи секој проблем, исправање пред него и започнување со расчистување на тешкотиите што оневозможуваат тој да биде совладан.

Храброста значи да не се одложува она што е нужно да се стори, туку тоа да се направи навреме, тогаш кога уште не создало многу неволји. Храброст е кога човековите сили се ставаат во служба на најдоброто за личноста и за другите луѓе, а не да се остават тие неактивирани, да останат запретани пред тешкотиите.
Со храброста човекот застанува на страната на доброто наспроти злото. Тоа претставува спротивставување не само на она што не чини туку и на оние луѓе што прават лоши работи. Тоа е истакнување на подоброто наспроти полошото и недозволување да се развие нешто зло. Затоа храброста е бранење на моралната страна и ангажирање на етичките сили, толку колку што е потребно и самиот човек и луѓето околу него да ги почувствуваат благодатите на добрината.

Храбар може да се биде во откривањето на вистината, во незатворањето на очите пред неа и пред она што уште никој не го согледал. Смел е оној што не се плаши да го стори доброто, справедливото и исправното, дури и ако некому тоа не му се допаѓа, дури и ако мнозинството го прави спротивното, па дури и ако него го тераат да постапува лошо. Херој е оној што не се стега своите сили да ги употреби за општо добро. Јунак, пак, е оној за кого најголемата опасност е да не се стори она што е најпотребно.

Германскиот филозоф Фридрих Ниче кажал дека вистински херој е оној што има храброст да ја поднесува својата судбина. Мнозина луѓе ретко имаат шанса да станат големи народни херои, но многу од нив се јунаци на своето живеење.


Етичка мисла

За малодушните и сѐ е ништо, за храбрите и малку е многу.

Јеремија Готхелф, швајцарски писател