Хиперосвежително движење по бујните горски ходници на Јакупица

365
Перфектно место за бегство од високите температури Фото: Дарко Андоновски

Во сенките под Солунска Глава, меѓу хармоничната шумска симфонија, под масивните карпи на Јакупица е жариштето на Бабуна. Ехото од врутокот се слуша длабоко под речните камења. Водата гласно шумоли во подземните коридори и обилно се пробива на дневната светлина. Бистри меурчиња создаваат леден амбиент што ежи. А голтка беспрекорно проѕирна вода ти навлегува до секоја клетка. Уживавме во моментот да гледаме како се раѓа Бабуна. Неколкупати ги полневме шишињата и тоневме во воздухот исполнет со мелодијата компонирана од бучавата на круните на дрвјата и срцебиењето на реката. Но и на моменти целосната тишина. Со полн фокус ја гледавме разводенетата претстава.

ЕДЕН ЧАС ПЕШАЧЕЊЕ

Реката Бабуна извира на југоисточната страна на Мокра Планина под врвот Солунска Глава и протекува помеѓу планинскиот масив Јакупица од левата и планината Бабуна од десната страна. Извира на од 1.760 метри надморска височина. Го разубавува пејзажот на областа Азот во општината Чашка.
Бабуна е десна притока на Вардар. Во Вардар се влева по кратката кањонска клисура Пешти. Долга е 65 километри. Од изворот до нежиловското проширување тече во југоисточен правец. Потоа сѐ до Богомила тече кон југ и ги прима притоките Нежиловска и Орешка Река.

Патеката до изворите и до водопадот на Бабуна е одлично обележана

– Од десната страна ги прима притоките: река Брезица, Црничка Река и Бела Вода. Кај местото Теќе Баир се доближува на само 800 метри до соседната Тополка. Повеќето од притоките се со пороен карактер и тие натрупуваат големи количества речен материјал во коритото на Бабуна. Изворите на Бабуна се во долот помеѓу две висини и тоа од левата страна е Градиште, од десна страна е Кантарица. Врвот од десна страна кај пештерите се вика Карагушица – вели Љупчо Данов, хроничар од Велес.
На околу четири километри од селото Нежилово поставен е патоказ што упатува кон изворите и кон водопадот на Бабуна. Низ густа шума, високи стебла и тесна стрмна патека. Се мери секој пуштен чекор затоа што теренот е стрмен и лизгав, барем во периодов. Разбудената природа, мокриот терен, фиданките со светлозелена боја ни приредија хиперосвежување. Паузите ни беа чести за да ја почувствуваме максимално аромата на Јакупица. Го следевме шумот на реката, паралелно се движевме по должината на течението, прескокнувавме соборени дрвја, потоци, извори. Се лизгавме на влажните есенски лисја. Шумата нежно ни бучи над главите. Овде-онде ќе замижевме од некој сончев зрак што едвај успеал да се пробие низ крошните на дрвјата. Треперлива светлина ни паѓаше врз главите. Преливи од зелени бои правеа освежителен шумски колаж.
Околу еден час пешачевме низ буен зелен ходник. Понесени од зуењето на водата се приближувавме до нашата крајна точка.

СПА-ЦЕНТАР ЗА НАЈХРАБРИТЕ

Силниот пад на водата и громогласното шиштење навестуваа дека стигнавме. Водопадот исфрлаше буица вода. Целиот реон околу него беше оросен. Ситни атоми вода се забодуваат како ледени стрелки. Пецкаат и разладуваат. Млазот на водопадот на Бабуна создава пена обоена во бело-тиркизна боја. А базенот веднаш по него природен спа-центар само за најхрабрите. Струјата на водата е толку силна што не можеш ни рацете да ги ставиш во вода. Го губат чувството во секунда.

Факти
Реката Бабуна извира на југоисточната страна на
Мокра Планина
Изворите се на 1.760 метри надморска височина
Солунска Глава се вбројува меѓу најимпресивните точки
Нежиловите Карпи претставуваат карпест отсек на планината Јакупица

Уживавме во луксузот додека студот не почна да ни влегува под кожа и тргнавме во потрага кон изворите. Според сите претходни муабети, знаевме дека е во близината. А маркацијата ќе излезе сама откако добро ќе разгледате. Па за околу пет, десет минути по стрмни патеки, меѓу густи дрвја го лоциравме едниот од изворите, а има два-три.
Жариштето му беше под огромни карпи. Протекува вода од карпите со сета сила. И моќно ја напојува Бабуна. Создавајќи дива и самоволна река, ледена и брза. Дебелите сенки и ледникавиот здив на реката ги прават водопадот и изворите на Бабуна вистинско место за летно разладување.


Во близината се и другите извори, а има и пештера, чиј влез беше затворен, обраснат со бујни грмушки, затоа што одамна никој не ја посетил.
Патеката до изворите и до водопадот на Бабуна е одлично обележана. Секој намерник доколку ги чита знаците до дрвјата успешно може да го лоцира водопадот. И со мала кондиција и голема желба се стигнува без проблем.

ФЕСТИВАЛИ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Азот е најзелениот предел, па можеби оттука и поттикот во последно време темелно да го искусат велосипедистите. Велосипедските тури стануваат неразделен дел од оваа област.
Во организација на „Велес бајкинг“ четврти пат во селото Богомила, општина Чашка, се одржува велосипедски офроуд-настан, кој поради проширувањето на активностите оваа година прерасна во фестивал на отворено. Тридневната агенда на активности е исполнета со интересни содржини.
Главен настан е планинскиот велосипедизам, кој во програмата има предвидено две патеки, и тоа голем маратон со должина 53,5 километри, плус совладување 1.805 метри надморска височина низ селата Богомила, Црешнево, Капиново, Нежилово, планинарскиот дом „Чеплес“, Папрадиште, кон Прилепски пат и враќање во селото Богомила, и мал маратон со должина 34,5 километри и совладување 1.011 метри надморска височина. Патеката почнува од Богомила низ Нежилово, потоа планинарскиот дом „Чеплес“ кон селото Папрадиште, потоа Прилепски пат и завршува повторно во Богомила.


– Патеките се возат низ еден од најубавите предели во Македонија. Во најголем дел од патеката се вози низ шумски предел со преубави погледи кон врвот Солунска Глава, низ пет мали или поголеми водопади, каде што природата ја покажува својата имагинација. Чистиот воздух го има во неограничени количества – вели Зоран Јаневски, организаторот на „Азот 2018 МТБ-предизвик“.

ВЕЛОСИПЕДСКА СТИМУЛАЦИЈА НА ТУРИЗМОТ

Покрај ова, предвидено е и планинарење околу Азот, кое почнува од Богомила, води низ Капиново, Црешневскиот Преслап, Црешнево и се враќа во Богомила, во должина 16,9 километри. Патеката изобилува со прекрасни делови и поглед кон Солунска Глава и целиот регион на Азот.
– Како трета активност организаторите најавуваат и патека за планинско трчање во должина од 17,1 километри. Исто така како гости на настанот се и претставници од Македонската алпинистичка федерација, кои имаат качувачки активности на местото Нежилови Карпи – додава Зоран.


Нежиловите Карпи претставуваат карпест отсек на планината Јакупица и се издигнуваат 800 и 850 метри во височина, сѐ до самиот врв Солунска Глава. Овие карпи со својата маркантност уште одамна го привлекле вниманието и биле предизвик за алпинистите.

Пристапност
Со ниско возило се стигнува до Нежилово
Околу 54 километри
од Велес
Оттука нагоре со џип околу 4 километри
Потоа еден час по шумска патека до водопадот

– Главната цел на „Азот 2018 МТБ-предизвик“ е да го стимулира развојот на туризмот врз основа на природното и културното наследство. Промоција на регионот, кој е поставен како место за реализација на настанот, афирмација на руралниот туризам, привлекување домашни и странски туристи, и крајна цел е поттикнување на локалното население за враќање во своите краишта и поттикнување на локалниот бизнис – посочи Јаневски.

ПЛАНИНАРЕЊЕ ДО СОЛУНСКА

Азот е средишниот дел на Македонија, сместен во долината и по горниот и по средниот тек на реката Бабуна. На север и на запад е ограден со масивот на Мокра Планина, а на југ и на југоисток со северните падини на планината Бабуна. Се наоѓа југозападно од градот Велес. Се карактеризира со мошне сложен релјеф. Подрачјето е претежно ридско-низинско, освен делот каде што се наоѓа масивот Јакупица, кој е изразито планински. Планинарење се практикува во текот на целата година.
Јакупица или Мокра Планина – планински масив во централна Македонија. Составена е од повеќе планински делови: Караџица, Даутица, Голешница, Китка, Мумџица, Салакова Планина и Осој. Масивот Мокра е најголемиот и еден од најпиторескните планински масиви во Македонија.


Јакупица е богата со разновидна флора и фауна, пасишта, извори – врела и др. Највисок и најзабележлив врв е Солунска Глава, висок 2.540 метри надморска височина. Други важни врвови се: Караџица (2.473 м), Попово Брдо (2.380 м), Остар Брег (2.365 м), Убава (2.353 м), Остар Врв (2.275 м) и Даутица (2.178 м).
Солунска Глава се вбројува меѓу најимпресивните точки. Нејзините патеки се газат во текот на целата година. Планинарскиот дом „Чеплес“ се користи како појдовна точка, при што се стигнува до највисоката кота за околу 3 часа пешачење во добри временски услови во летниот период. Доколку се користи за појдовна точка планинарскиот дом „Караџица“, искачувањето до врвот трае околу 5 часа.

ИЗОБИЛСТВО РЕКИ И ДВЕ ЕЗЕРА

Релјефот на Јакупица е пресекуван од чисти и од брзи планински реки. Големи области се покриени со букови, дабови и иглолисни шуми. Голем број институции ја предлагаат Јакупица, како и целиот масив Мокра Планина за национален парк.
Планината изобилува со многу природни реткости. На нејзините ледини се вдлабени две глацијални (циркни) езера, кои се единствените постојани езера на овој масив. Наречени се Салаковски Езера (Големо и Мало Салаковско Езеро), а се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица т.е. под врвот Убава. Задолжителна дестинација за планинарење.
Уште едно од маркантните места на Јакупица е месноста Долна Бабина Дупка. Овој мал зелен предел е составен од комбинација на листопадни и зимзелени шуми, кои создаваат пробивно зеленило. Овде тој што обожава кампување задолжително треба да го постави шаторот и да се раскомоти под ѕвездите на Солунска Глава.