Фуснота за демократијата

107

Што уште да се каже за „демократијата“ кога непрестајното декламирање на поимот со разни поводи, намери и подметнувања ја испразни, ја уби неговата суштина?
Во херојските времиња, кога беше идеја-водилка, луѓето што веруваа во неа, беа подготвени за неа да го дадат својот живот. Или да му го земат на оној што се противи на таа идеја.

Подоцна, во воведот на модерната доба, некои резултати во борбата за демократија предизвикуваа скепса: францускиот Конвент ја пласира идејата за „еднаквост, слобода и братство“ што се изроди во крвав терор меѓу припадниците на спротивставените партии од кој печалеше само гилотината – во ужасно краток период се тркалаа главите на роланците, жирондинците, дантоновците, јакобинците… Се чини дека Мара, еден од најбесните, имал среќа што умрел како маченик. Дури, убиен во када, бил овековечен на Давидовото платно, за разлика од Дантон и Робеспиер, другите двајца од триумвиратот, кои праќајќи стотици под гилотината, и самите беа обезглавени во име на народната правда. Но не е толку едноставно. Со промената на владејачката партија, се менуваат и ставовите кој има право да биде погребан во Пантеон, во последното престојувалиште на „најголемите синови на татковината“. Така, посмртните остатоци на Мара, кои ги замениле оние на „премногу умерениот“ Габриел Оноре Мирабо, подоцна не само што се отфрлени од Пантеон, туку се и расфрлени без трага.

Во САД, пак, откако се ослободија од британската колонизација, почнаа политикантските сметки, пресметки и пометнувања. По изборите во 1828 г., престолнината Вашингтон, според сведоштвата на современиците, била преполна со луѓе што очекувале и барале врски за место во државната служба. Се воведе, денес препознатливиот обичај, дека заминувањето на една партија од власт автоматски значи отпуштање од државната служба на нејзините приврзаници. Од друга страна, приврзаниците на партијата што ги доби изборите, Демократската на Ендрју Џексон, сметале дека е сосема нормално, без оглед на својата стручна подготвеност, да ги заземат сите можни места, од службеничките до министерските (ви заличува ли ова на нешто познато?).

За политичарите, демократијата стана исплатлива парола, на обичните пак, „демократски“ граѓани, им стана појасно: едните дека со неа можат да манипулираат, другите дека преку неа можат да бидат манипулирани. Но ни на едните, ни на другите, и покрај сите озборувања и кафеански критики, тоа не им пречи. Се навикнаа, си ги поделија улогите. Каде е демократијата денес? Во фер изборите, во владеењето на правото? Не би рекол – улогите се поделени, демократијата е само парола на политичките партии, единствената, вистинска цел е – приграбување и задржување на власта. Тие што ги маргинализираат се различните – индивидуалецот и немоќниот – непотребни во популизмот, па затоа избуркани со „демократски“ одлуки.

Оттаму, мојот претеран потсмев кон партиските политичари понекогаш и самиот станува карикатурален. Иако и така критериумите во политиката рапидно опаѓаат. Колку кич-политичари владеат кај нас, околу нас и во светот! Сигурно дека меѓу нив има личности со став, знаење и интелигенција, но кај повеќето партиската (не)свесност ја надвладува граѓанската. Од (начелно) демократскиот дијалог кон (доследно) партискиот монолог! Власта и богатењето нарамномерно и недемократски се делат, „цврстото исчезнува во пари“, како што велеше Маркс, а ние си ги тераме нашите стеснети животи, препуштајќи им ја иницијативата на некои други, „семоќни“ човечки животни!