Француски предизвик за вардарци

639

Актуелниот европски ракометен шампион Вардар, денеска напладне во Келн ќе го дознае полуфиналниот ривал во годинашната Лига на шампионите (ЛШ). Едно е сигурно, тоа ќе биде француски клуб. Изборот е ПСЖ, Нант или Монпелје. Полуфиналните средби во арената „Ланксес“ во Келн ќе се играат на 26 мај, а финалето и дуелот за 3-то место се ден подоцна.

Ова е епилогот по реванш-четвртфиналните средби во ЛШ, во кои Вардар вторпат се пласира на завршниот фајналфор во (ЛШ), откако во Скопје и покрај тоа што минимално загуби со 27-28 од поранешниот трикратен европски првак Кил, поради повеќе голови дадени на гости (29-28), а при еднаков вкупен резултат (56-56), успеаја да го елиминираа бундеслигашот. На тој начин црвено-црните ќе имаат можност да го одбранат ланскиот трофеј во ЛШ, нешто што не му успеало на ниту еден клуб откако се играат фајналфор-завршници во ЛШ.

– Горд сум на моите играчи. Сега ни претстои фајналфорот во Келн. Ќе одмориме малку, а потоа ќе се подготвуваме за она што ни претстои. Вардар е шампион и треба да ја брани титулата во Келн, сепак мораме да бидеме добро подготвени, бидејќи имаме два меча и мораме да мислиме исклучиво на она што нѐ очекува на теренот, а таму нема да има фаворити. Ќе мора да се прикажеме во најдоброто светло ако сакаме да обезбедиме победи – вели Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.

Црвено-црните со сите три француски екипи имаат играно во ЛШ, забележувајќи вкупно пет победи, две ремија и два пораза. Против ПСЖ имаат скор од една победа, реми и пораз, против Нант победа и пораз, додека против Монпелје три победи и едно реми.
На денешната ждрепка сите екипи ќе бидат во еден барабан и ќе нема привилегирани. Ќе се влечат еден по еден клуб и ќе играат според тоа како ќе бидат извлечени, без разлика дали тие претходно играле меѓу себе во групната фаза во ЛШ. Од четирите клуба, европски титули освоиле Вардар (2017) и Монпелје (2003), ПСЖ третпат ќе биде дел од фајналфорот, а Нант е дебитант. 

Скор со француските екипи
2016/2017 (полуфинале)
ПСЖ – Вардар 23-24
2013/2014
Вардар – ПСЖ 24-24
ПСЖ – Вардар 35-25
2017/2018
Вардар – Нант 27-23
Нант – Вардар 27-26
2015/2016
Монпелје – Вардар 25-30
Вардар – Монпелје 34-26
Монпелје – Вардар 34-34
Вардар – Монпелје 30-26