Француска пратеничка со македонско потекло во посета на Македонија

250

Пратеничката во Националното собрание на француската република и членка на Републиката во движење (РЕМ), политичката партија на претседателот Емануел Макрон, Лилјана Танги, која е со македонско потекло, престојува во тридневна посета на Македонија, во рамките на која има средби со државниот врв.

Како што соопшти француската амбасада, Танги, која е потпретседателка на Комисијата за европски прашања, задолжена за Балканот и заменик-претседателка на групата за парламентарна соработка помеѓу Франција и Македонија, ќе биде примена и ќе разговара со претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби и нејзините членови.
Таа ќе има средба и со членовите на Групата за парламентарна соработка помеѓу Франција и Македонија, со членовите на Делегацијата при Парламентарното собрание на франкофонијата, со државниот секретар во МНР Виктор Димовски и со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски.

Француската пратеничка заедно со амбасадорот Кристијан Тимоние, ќе го посети Кочани каде што јавното комунално претпријатие „Водовод – Кочани“ ќе ѝ додели благодарница на француската влада за добиената финансиска и техничка помош во развојот на ова претпријатие.
Лилјана Танги е прва пратеничка во францускиот парламент со македонско потекло. Во движењето на претседателот Макрон е од април 2016 година, а на 18 јуни е избрана за пратеничка од седмата изборна единица.