Фотографии од примабалерината Зорица Пуровска-Велевска

51

Во уметничката галерија на Градскиoт музеј во Крива Паланка е отворена изложба на фотографии од улогите на примабалерината на Македонскиот народен театар и доајенка на македонскиот балет, Зорица Пуровска-Велевска. Настанот е во рамките на интернационалниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.

Драган Величковски, директор на Градскиот музеј во Крива Паланка, посочи дека примабалерината Пуровска-Велевска е припадничка нa поновата генерација повоени македонски балетски уметници и доајенка на балетската сцена во државата.
Тодор Кузманов, театролог и критичар, истакна дека во нејзиниот лик и дело се отелотворува тезата дека балетот може да се дефинира како дијалог меѓу движењето и спокојот, дијалог без зборови, со силна драматичност.

Таа во богатата биографија бележи улоги во претставите „Валпургиска ноќ“, „Болеро“, „Травијата“, „Охридска легенда“, „Лабин и Дојрана“, „Легенда за љубовта“, „Жизел“, „Време за љубов“, „Танчарка“, „Лебедово езеро“ и многу други.