ФИФПРО бара одложување мечеви при екстремна топлина

35

Светскиот сојуз на фудбалери (ФИФПРО) вели дека е време да престанат да се играат натпревари во екстремна жештина, објави „Ројтерс“, и побара од Светската фудбалска федерација (ФИФА) да пропише ограничување на температурата над која натпреварите би требало да се одложат.
– Би сакале да имаме граница над која мечот не почнува, и не е важно дали станува збор за финале на Светското првенство или за лигашки натпревар. Таков меч треба да биде одложен – изјави за „Ројтерс“ медицинскиот претставник на ФИФПРО, Винсент Гутебарг.

Од ФИФА велат дека нејзините упатства дозволуваат паузи за ладење во 25-та и во 70-та минута од натпреварите кога се исполнети комбинираните фактори за температура, влажност на воздухот, насока на сонцето, облачност и локација на стадионот, и кога температурата надминува 32 степени, или 28 за мечеви на категории до 20 години.

– Упатствата не прават доволно за да се заштити здравјето на играчите и да им се овозможи да имаат најдобра можна изведба – рече Гутебарг.
Од Светската фудбалска федерација во изјава за „Ројтерс“ велат дека на температура од 32 степени или повеќе може да бидат дозволени дополнителни паузи за пијалаци до една минута, со одлука на судијата.

– Здравјето на играчите е приоритет за ФИФА. ФИФА редовно го следи ова прашање, одржувајќи постојан контакт со актуелните и со тековните студии и ги разгледува своите протоколи, за да најде решенија што се применливи во глобалната фудбалска заедница – се вели во изјавата на ФИФА, пренесува „Ројтерс“.