Филаделфија тренира со линија за „четворки“

920

Филаделфија покажа дека може да биде претендент за титулата во кошаркарската НБА-лига со спектакуларната победа во првиот меч од плејофот над Мајами, во која од 130-те поени, 54 беа со шут за три поена (18 погодени тројки од 28 обида). Тимот не е меѓу најдобрите тројкаши, но по нешто е карактеристичен, а тоа е искористеноста на целиот напаѓачки простор, што овозможува повеќе шанси за шут и, секако, многу асистенции.

Американски медиуми го наоѓаат клучот за ваквиот начин на игра, а тоа е дека Филаделфија тренира со специјална линија за четири поени, не само за да тренира шут од далечина, туку да ги потсетува играчите на важноста од користење на целата напаѓачка половина. Но воведување линија за четири поени е нешто што одамна се зборува дека е следна иновација во најсилната кошаркарска лига на светот, а деновиве во одредени медиуми и се заговара тоа, како и, на пример, кревање на обрачот на нова височина.

– Кога ја гледате модерната напаѓачка кошарка и кога се обидувате да играте со стил во кој јас верувам и го практикувам во последно време, тогаш морате да го искористите просторот, морате да шутирате тројки и да создавате простор за игра – вели Брет Браун, тренерот на Филаделфија.