„Феjсбук“ отстрани над 1,5 милион видеа од масакрот во Нов Зеланд

58

Во првите 24 часа, вкупно 1,2 милион биле запрени во фазата на поставување

Откако излегоа голем број видеа од крвавиот напад во Нов Зеланд, интернет-гигантот „Фејсбук“ беше во постојана трка да ги најде и повлече сите копии од своите сајтови. Самата фирма вели дека имала голема и тешка задача за да успее да ги отстрани објавените копии.

Во серија твитови Миа Гарлик од „Фејсбук“ откри дека социјалната мрежа отстранила 1,5 милион видеонапади во светот во првите 24 часа, од кои 1,2 милион биле запрени во фазата на поставување. Исто така биле отстранети и изменетите верзии од престрелката што се цензурирани, вели Гарлик, бидејќи компанијата сака да ги почитува луѓето погодени од убиствата. Убиецот носел камера монтирана на главата и го пренесувал нападот во живо, а неговите коментари на социјалните мрежи и манифестот што го има оставено сугерираат дека сака да поттикне тензии што ја поддржуваат агендата за антиимиграција. Постоеше загриженост дека ширењето на видеото на напаѓачот му ја дава изложеноста што ја посакувал, покрај трауматизирањето на гледачите. Затоа се размислува за нови начини да се оневозможат ваквите видеа понатаму.

Додека стапката на отстранување сугерира дека „Фејсбук“ има некаков успех да го повлече видеото, исто така оваа случка покажува колку е тешко да се спречи ширењето ваков материјал. Околу 300.000 примероци од видеото успеале да го најдат своето место на сајтот пред да бидат отстранети. Комбинацијата од автоматска и човечка контрола на компанијата може да овозможи голема контрола и да симне некакво видео пред да се прошири во јавноста. Но кога станува збор за голем број видеа, со оглед на тоа што е релативно лесно да се испрати видео и да се менува неговата содржина, тогаш работите стануваат тешки. Потребно е поголемо време за да се најдат ваквите видеа и, со оглед на големиот број, тоа станува сѐ потешко, велат од „ Фејсбук“. Затоа „Фејсбук“ и други интернет-фирми сега ќе почнат да ги анализираат досегашните методи на работа за да се подобрат или да се најдат нови, со што би се овозможило забрзување на процесот за отстранувањата видео и отежнување на процесот на ширење.

Потпретседателот за интегритет на „Фејсбук“, Гај Росен, зборуваше за успесите и недостатоците на компанијата, за справувањето со ситуацијата, но и за плановите на спречување на ваквите видеа од ширење на социјалната мрежа во иднина. Тој објасни дека новите платформи, кои ќе се состојат од компјутер со вештачка интелигенција, или „Аи“, ќе можат брзо да ги откриваат видеата што содржат самоубиствени или штетни дела. За да може да се обучи соодветниот „Аи“ за откривање на специфичниот тип содржина, платформата има потреба од големи количества податоци за обука. А таквите податоци е тешко да се добијат, бидејќи ваквите настани, за среќа, се ретки.

Исто така, Гај додава дека ниту еден од првите што го гледале емитувањето во живо не го пријавил настанот. Првиот корисник што го пријавил настанот е 29 минути по емитувањето во живо или 12 минути по завршување на настанот. Анализите на „Фејсбук“ покажаа дека во живо го гледале околу 200 луѓе, додека оригиналното видео го гледале 4.000 луѓе во целост.

hristijan.j@novamakedonija.com.mk