„Фејсбук“ ни покажа кој ги крои изборите

280

Нема многу голема разлика помеѓу „Кембриџ аналитика“ и „Фејсбук“. И двете компании ги користат нашите податоци за политички и финансиски цели, само што „Фејсбук“ по сѐ изгледа тоа го прави на многу поширока и поконстантна основа. Со право вели Едвард Сноуден, свиркачот што ја кутна на земја американската НСА, дека „Фејсбук“ заработува од експлоатирање и продавање на интимните детали за приватните животи на милиони лица, многу повеќе од деталите што доброволно ги давате

Тоа дека веќе никој не е безбеден на Интернет не е никаква новост, ниту пак ќе се најде на насловните страници. Приватноста на корисниците е мисловна именка, за што говори секојдневното бомбардирање со персонализирани реклами на социјалните мрежи. Но една работа се досадните реклами и тинејџерските расправања на Фејсбук, а сосема е друго (зло)употребата на личните податоци и вашиот онлајн-живот за многу помрачни, поскриени цели, со далекосежни последици. А најновиот скандал, во кој главна улога има токму „Фејсбук“, укажува на алармантноста на проблемот. Големиот брат и тоа како е буден и активно следи буквално сѐ…
Светската јавност е шокирана од откритието дека податоците на над 50 милиони корисници на Фејсбук биле буквално искористени за политички маркетинг и изборни цели. Па, така, благодарение на тогашниот „пропуст“ во социјалната платформа, сомнителната британска компанија „Кембриџ аналитика“ ги искористила овие податоци за да влијае врз претседателските избори во САД во 2016 година. И не станува збор за шпекулација или вест од трач-рубрика. Самиот Александар Никс, еден од доскорашните први луѓе во британската компанија, случајно се пофали пред новинари дека токму „Кембриџ аналитика“ одиграла најголема улога во изборната победа на Доналд Трамп. Никс, кој беше веднаш суспендиран од директорската позиција, отиде дури и подалеку со откритијата, кои буквално оставија многумина со подзинати усти. Но за тоа подоцна.

На „Фејсбук“ навистина не му е грижа за нашата приватност или за нашата демократија. А ако скандалот со „Кембриџ аналитика“ не го разјасни тоа доволно добро, тогаш ништо нема да го разјасни. Па, така, за нешто што бевме навикнати вообичаено да ги обвинуваме ЦИА, МИ6, руското ФСБ, сега валканата работа ја врши приватна компанија, која сигурно не е единствена во светот

Каква беше реакцијата на најпопуларната социјална мрежа? По лавината негативни реакции и коментари и зачудувачкиот неколкудневен молк, се огласи Марк Закерберг. Основачот на „Фејсбук“ го призна „пропустот“ и вети дека ќе бидат вработени нови 20.000 професионалци, кои ќе се грижат за безбедноста на корисниците и на социјалната мрежа. Закерберг исто така порача дека ја научил лекцијата од своите грешки и дека ќе се обиде истото тоа да го пренесе и на компанијата. Сепак, штетата е веќе нанесена. „Фејсбук“ забележа загуба од над 37 милијарди долари поради падот на вредноста на акциите, а илјадници корисници, со право загрижени за својата приватност, ги избришаа своите профили на социјалната мрежа. Еднаш загубената доверба, тешко се враќа. Но за тоа нека се грижи самиот Закерберг.

Она што е многу позагрижувачко и пострашно во целиот скандал се токму активностите на вториот главен актер во прикаската – „Кембриџ аналитика“. Јавноста веќе се запозна со нејзината главна активност – политички маркетинг и социјален инженеринг во служба на одредувањето на исходот од изборите и најразличните иницијативи во повеќе држави во светот. Суспендираниот директор Никс веќе се пофали дека компанијата многу помогнала во изборниот триумф на Трамп. Но уште поинтересно е неговото отворено објаснување за тоа како „Кембриџ аналитика“ успеала да го направи тоа. Всушност, Никс ја расчисти мистеријата за тоа со што се занимава британската компанија. Вреди тука да се пренесе неговата несреќна изјава, дадена пред двајца новинари маскирани како бизнисмени во еден лондонски хотел: „Ние ги правевме сите истражувања. Ние ги собравме сите податоци. Ја организиравме целата аналитика. Ние работевме сѐ што беше поврзано со целењето. Покрај тоа, ја водевме дигиталната кампања и тие ги собираа информациите за стратегијата врз основа на нашите податоци“, порача Никс пред новинарите на британската телевизија Канал 4.

Тој отворено призна дека „Кембриџ аналитика“ всушност се занимава со разузнавачка активност, чија цел е влијание врз исходот на изборите во најразлични држави во светот. Па, така, за нешто што бевме навикнати вообичаено да ги обвинуваме ЦИА, МИ6, руското ФСБ, сега валканата работа ја врши приватна компанија, која сигурно не е единствена во светот. Значи со доволно пари можете да влијаете и врз изборите на најпопуларната демократија на светот, а без притоа да се потпирате на услугите на традиционалните разузнавачки служби, кои, сепак, колку толку се под државна капа. Ако фалбите на Никс се точни, тогаш ниту американскиот систем не е имун на ваквите, „приватно“ организирани операции. Но, според портфолиото, „Кембриџ аналитика“ не е проблем само за Американците. На сајтот на компанијата се наведуваат и нејзини активности во Австралија, Бразил, Кенија, Малезија и во Мексико и којзнае уште во колку други, за кои допрва ќе се дознае.

Сепак, искрено говорејќи, нема многу голема разлика помеѓу „Кембриџ аналитика“ и „Фејсбук“. И двете компании ги користат нашите податоци за политички и финансиски цели, само што „Фејсбук“ по сѐ изгледа тоа го прави на многу поширока и поконстантна основа. Со право вели Едвард Сноуден, свиркачот што ја кутна на земја американска НСА, дека „Фејсбук“ заработува од експлоатирање и продавање на интимните детали за приватните животи на милиони лица, многу повеќе од деталите што доброволно ги давате.

„Тие не се жртви. Тие се соучесници“, вели Сноуден.
Сето ова ни нуди една отрезнувачка порака. А тоа е дека на „Фејсбук“ навистина не му е грижа за нашата приватност или за нашата демократија. А ако скандалот со „Кембриџ аналитика“ не го разјасни тоа, тогаш ништо нема.