Фелпс размислувал да се самоубие!

34

Американскиот пливач истакна дека најтешко му било по ОИ во 2012 година, на кои освои четири златни медали и две сребра, по што поминал неколку дена во својата соба, притоа не успевајќи ни да заспие, ни да јаде

И покрај тоа што е најуспешниот олимпиец на сите времиња, Мајкл Фелпс на „Кенеди-форумoт“, одржан неодамна, истакнал дека кратко време по Олимписките игри (ОИ) во Лондон 2012 година размислувал да си го одземе животот.
Мајкл Фелпс во својата пливачка кариера освоил дури 23 златни медали на ОИ, а на „Кенеди-форумот“ посветен на менталното здравје, зборувал како се чувствувал по ОИ во Лондон 2012 година.

– Мислам дека по секои ОИ на кои настапував, запаѓав во сериозна депресивна состојба – истакнал Фелпс по завршувањето на форумот за познатата ТВ-куќа, Си-ен-ен.

Американецот истакна дека најтешко му било во 2012 година, односно по ОИ на кои освоил четири златни медали и две сребра, по што поминал неколку дена во својата соба, притоа не успевајќи ни да заспие, ни да јаде.

– Повеќе не сакав да бидам присутен во спортот. Не сакав ни да бидам жив. Размислував и за самоубиство! – отворено рекол Фелпс.

Американскиот пливач објаснил дека неговата ментална состојба се подобрила токму кога почнал да разговара за своите чувства.

Тоа најверојатно е и една од главните причини за формирањето на фондацијата што нуди и програми за решавање на проблемите со стресот, а Фелпс вели дека таа можност некому да му помогне за него е многу позначајно остварување од сите спортски достигнувања што ги остварил во својата спортска кариера.

– Тие моменти и чувства за мене беа подобри отколку освојувањето на златните медали на ОИ. Затоа сум и многу среќен што не си го одзедов сопствениот живот – задоволно заклучува Американецот.

Фелпс е всушност единствениот професионален спортист, кој при крајот и по завршувањето на кариерата, отворено зборува за психичките проблеми и стресови со кои тој се соочил.

Но на оваа тема се почесто сѐ јавуваат и поранешни фудбалери, а еден од најгласните по завршувањето на кариерата е Рио Фердинанд, поранешниот фудбалер на премиерлигашот Манчестер јунајтед.