Фарма за школки за нов граничен инцидент

266

Несогласувањата меѓу Хрватска и Словенија околу Пиранскиот Залив сѐ повеќе се продлабочуваат, а двете соседни држави имаат нов спор околу проширувањето на фарма за школки, која навлегла во туѓи територијални води, објавуваат локалните медиуми.
Спорот почна откако словенечкиот Државен инспекторат за животна средина и просторно планирање иницирал истрага за постоењето на една хрватска фарма за школки во заливот, која пред еден месец се проширила и на словенечката страна од поморската граница, утврдена со меѓународната арбитража, која Хрватска не ја признава.

Инспекторатот соопшти дека негови инспектори утврдиле оти бројот на „мрестилиштата“ во кои се наоѓаат школките кон крајот на минатиот месец бил зголемен на 90.
Словенечката државна телевизија во саботата јави дека фармата за школки се зголемила десеткратно од април годинава, кога беа обележани првите осум локации на кои се наоѓаат школките.
Според телевизијата, нема никаков сомнеж дека фармата за школки се проширила и во словенечките води. Телевизијата наведува дека секогаш кога работниците на фармата доаѓаат на локациите со школки, ги придружува брод на хрватската полиција.