Фарма за снег во Швајцарија

141

На крајот од минатата скијачка сезона биле собрани повеќе од 24.000 кубни метри снег и тој бил покриен со специјална фолија. Оваа снежна резерва го помина летото со загуба од околу 25 до 30 проценти, а во октомври преостанатиот снег бил разместен во една патека со должина од 500 м

Концептот на правење патеки за скијање со топови за снег е одамна познат, а сега се развива и т.н. „фарма за снег“. Аделбоден можеби е најпознат по своите трки за Светскиот куп (СК), но од есенва е познат во Швајцарија поради друга причина. Локацијата на оригиналните трки од СК во Аделбоден, стана првото швајцарско одморалиште, кое го користеше „снежното земјоделство“ за да ја отвори својата сезона за јавноста веќе на 18 октомври.
Претходните неколку сезони концептот на одгледување снег доби интензитет, овозможувајќи им на некои туристички центри да гарантираат снег во топли, суви услови или порано да ги отворат своите скијачки терени. Овој концепт најчесто се користи во нордиските земји, а практиката полека се шири во Централна Европа, меѓу другите и во Кицбил, пишува на интернет-страницата на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).

На крајот од минатата скијачка сезона, во Аделбоден биле собрани повеќе од 24.000 кубни метри снег и тој бил покриен со специјална фолија. Оваа снежна резерва го помина летото со загуба од околу 25 до 30 проценти, а неодамна преостанатиот снег бил разместен во една патека со должина од 500 метри и широчина од 10 метри.
Иако ова е далеку од целосно функционален скијачки терен, тој им овозможува на стотици локални скијачи и млади од скијачките клубови да уживаат рано во сезоната, на снег стар шест месеци, без долги патувања за да стигнат до традиционалните тренинг-терени на глечерите. Патеката е погодна за слалом или за велеслалом, за работа на техника или за скијачи-рекреативци.

Проектот се планира да трае три години и има поддршка од Аделбоден, каде што речиси секој бизнис со гордост ја промовира раната сезона со помош на „снежното земјоделство“. Организаторите велат дека летово веројатно се соочиле со најлошите можни услови за проектот, поради високите летни температури, а очекуваат во иднина загубата на снег да биде околу 10 проценти.