Уште многу реформи пред правосудството

358

Неопходно е натамошно јакнење на независноста на судството, вклучувајќи ги и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, преку транспарентност во одлуките за именување и унапредување судии и јавни обвинители, е еден од заклучоците од извештајот во сенка за поглавјето 23: правосудство, борба против корупција и темелни права, што се однесува на периодот од мај 2016 до јануари 2018 година. Извештајот е подготвен и објавен во рамките на проектот „Мрежа 23+“ што го имплементираат Институтот за европска политика од Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во извештајот се разгледани правосудството, со посебен осврт кон независноста, непристрасноста, одговорноста, професионалноста, компетентноста и ефикасноста на судиите и судовите, борбата против корупцијата, за што е образложена работата на Државна комисија за спречување на корупцијата, како и конфискација на имот и заштита на укажувачот.

Исто така се разгледани и темелните права, за што е даден посебен акцент на народниот правобранител, Уставниот суд, тортурата, затворите и притворите, ранливите групи и недискриминација, слободата на собирање и здружување, слободата на изразување и плурализам во медиумите, правото на почитување на приватниот и семејниот живот и комуникациите, правото на слобода и безбедност. Наведени се мерки против расизам и ксенофобија и говор на омраза, криминал од омраза, заштита на малцинствата и културни права, како и заштита на личните податоци. Велимир Деловски од Хелсиншкиот комитет нагласи дека носењето на Стратегијата за правосудството е позитивен чекор во насока на наоѓање на одржливи решенија за состојбите во правосудниот сектор.

– Потребно е дефинирање на критериумите за избор на членови на Судски совет и дефинирање на терминот „истакнат правник“, потребни се измени за воведување механизми за одговорност на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и неопходна е поголема финансиска независност на судството – посочи Деловски.

Тој заклучи дека е добра определбата за вклопување на СЈО во рамките на ЈОРМ, со проширена надлежност за гонење корупција од висок профил. – За борба против корупција државата мора да ги имплементира препораките на ГРЕКО, со акцент на оние за судството – истакна Деловски. Тој посочи дека во извештајот е наведено дека Собранието треба сериозно да го разгледа годишниот извештај на народниот правобранител, и да утврди мерки за спроведување на дадените општи препораки. Временскиот период што е предмет на овој извештај би можел јасно да се подели на три клучни етапи: период пред одржувањето на парламентарните избори на 11 декември 2016 година, транзитен период по одржувањето на изборите, а пред конституирање на новата влада, на 31 мај 2017 година, како и период од изборот на новата Влада, до крајот на јануари 2018 година. Извештајот е достапен е на македонски, албански и на англиски јазик.