Училиште во кое се почитуваат разликите

1022
Директорката Арсова со дел од учениците

Заедно со нашите 70 ученици, тука се образоваат и четири деца со посебни потреби, кои од понеделник до петок се сместени во училишниот интернат. Тоа се совпаѓа со нашата визија да овозможиме квалитетна настава приспособена според потребите и интересите на учениците, вели директорката Снежана Арсова

Основното училиште „Кочо Рацин“ во селото Блатец неодамна славеше 74 години од постоењето, а „Колибри“ беше таму заедно со учениците и со наставниот кадар, на чело со в.д. директорката Снежана Арсова да го одбележи овој роденден.
А доколку не знаете, еве веднаш ќе ви кажеме. Блатец се наоѓа во зелено и еколошки чисто опкружување, на падините на планината Плачковица, на нaдморска височина од 710 метри и е десетина километри оддалечено од Виница.
Во ова питомо место во Источна Македонија, во моментот живеат околу 1.500 луѓе во четиристотини куќи, повеќето сезонски работници во Италија. Тука, уште веднаш по ослободувањето во 1944 година е отворено основното училиште „Кочо Рацин“, во кое, во златните денови во 1960-тите години учеле и по 300 ученици, од македонска, турска и од други националности, но, за жал, од година на година бројката постојано се намалува.

Сега овде се образуваат 70 ученици, а она по што е специфично ова училиште е тоа што тука образованието го стекнуваат и четворица ученици со попреченост, кои се сместени во мини-интернат во рамките на училиштето.
– Децата учат во трето, четврто, осмо и деветто одделение и со нив работи дефектолог, Марина Стојчева, која веќе 20 години е дел од нашиот колектив. Напредокот кај овие ученици е очигледен и тие едвај чекаат да дојдат во Блатец, каде што престојуваат од понеделник до петок, кога си одат во своите домови. Но почитувањето на разликите и грижата за лицата со посебни потреби не е единствената карактеристика на нашата образовна установа. Нашето училиште е познато и по тоа што отсекогаш оттука излегувале талентирани и амбициозни ученици, кои своето образование го продолжувале во средните училишта и на факултетите. Впрочем, во Блатец има многу лица со факултетски дипломи, па затоа не е ни чудо што и денес селската библиотека работи со полна пареа. Најверојатно, токму наставниците во ова училиште се главните виновници што луѓето овде сакаат да учат, да читаат и да се едуцираат – ни рече директорката Снежана Арсова.

Таа и самата е родена во Блатец, каде што живее со семејството, а во училиштето работи цели 31 година како одделенска наставничка, а неколку месеци е в.д. директорка.
– „Ги поттикнуваме учењето и целокупниот развој на учениците преку создавање услови што промовираат меѓуетничка интеграција и здрава училишна средина“ гласи мисијата на нашето училиште. А нашата визија е да овозможиме квалитетна настава приспособена според потребите и интересите на учениците и средина во која ќе се почитуваат разликите. Ете во таа насока се одвива едукацијата кај нас и грижата за младите поколенија – вели таа.
Децата учат во старата училишна зграда изградена во далечната 1933 година од месното население, кое, според кажувањето на Здравко Димитров, професор по историја од Блатец, кој работи во Виница, своерачно, тула по тула, ја подигале градбата, која пред ослободувањето во 1944 г. служела и како болница. Тој ни раскажа и за годините кога училиште важело за едно од појаките во општината и пошироко.

– Децата беа подисциплинирани и имаа повеќе знаење од градските деца. Училиштето ги опфаќаше сите околни села, додека не беше пуштен патот за Берово во 1982 година – вели Димитров.
Денес дел од матично училиште „Кочо Рацин“ се и две подрачни училишта оддалечени 10 километри во селата Лаки и Липец.
– Имаме 14 паралелки од прво до деветто и по една паралелка во подрачните училишта, каде што има комбинирана настава од прво до петто одделение. Сите ученици беа вклучени во одбележувањето на роденденот на училиштето, како членови на: спортската, литературната, драмската, фолклoрната, музичката и други секции. По повод патронатот во училиштето организиравме и интерен конкурс за најдобра литературна творба и цртеж, а најдобрите на подарок добија книги. Имаше и спортски турнир и секој учесник доби диплома и благодарница. Од пред 8 години, наместо во ноември, патронатот го славиме во април, бидејќи сѐ уште немаме греење во спортската сала. И годинава поканивме гости од целата општина, а драго ни е што и „Колибри“, поточно претставници од „Нова Македонија“ нѐ почестија со свето присуство – вели директорката Снежана.
Нејзина најголема желба е за време на својот мандат уште повеќе да ги подобри условите за работа и учење, да се направи нова фасада на училишната зграда и да се сменат олуците.

– Во изминатите три месеци го средивме училишниот двор, направивме фонтана, поставивме видеонадзор, направивме пролетна акција за садење цвеќиња заедно со учениците. Инаку како училиште вклучени сме во повеќе проекти – инклузија на деца со посебни потреби, активна настава, интерактивно учење, еко-проекти, а редовно учесници сме и на регионалните, општински и државни натпревари каде што постигнуваме одлични резултати. Нашата училишна библиотека има над 6.000 книги – посочи директорката.
Таа ја истакна и меѓуетничка соработка со основното училиште од селото Врапчиште, Тетовско, каде што наставата се одвива на три јазика.
На заминување ветивме дека повторно ќе дојдеме во ОУ „Кочо Рацин“ во Блатец, бидејќи поводи да се дојде тука, веруваме и во иднина ќе има многу.


Успешни еко-проекти

ОУ „Кочо Рацин“ двапати досега ја доби наградата еко-училиште – сребрено ниво, што е резултат на големиот број еколошки акции, одржаните кампањи и едукативни часови, што ја зголемија еколошката свеста кај учениците, но и кај вработените. Како една од активностите на училиштето за зачувување на животната средина е воведувањето едносменско работење што овозможи големи заштеди пред сѐ во огревни материјали и електрична енергија.
Училиштето активно се вклучи и во проектот „Едукација за значењето на енергијата, начинот на производство и употреба преку теорија и практика“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во неговата реализација свој придонес даде и здружението на граѓани „Еко-логик“ од Скопје.


Моето училиште

Училиште мое,
втор дому мој,
ме учиш во животот
да бидам свој.

Штом ѕвончето твое
почне да ѕвони,
во душата детска моја
радост се рони.

Во твоите клупи
весели деца седат,
а во дневникот твој,
различни оцени се редат.

Училиште мое,
со тебе сум едно цело,
ме учиш во животот
да чекорам смело.

Од тебе знаења
и искуства примам
и секој ден сè повеќе
радост и пријателства збирам.

Секоја училница
своја тајна има,
за секого од нас
многу знаења прима.

Андреј Тодоров,
осмо одделение
ОУ „Кочо Рацин“ – Блатец