Устројувањето на првата словенска азбука

1055

СВЕТИ КОНСТАНТИН-КИРИЛ ФИЛОЗОФ (1)

По повод 1.150 години од блаженото упокојување на св. Константин-Кирил (†869 – 2019), „Нова Македонија“ во три продолженија објавува текст за животниот пат, значењето и мисијата на еден од најголемите сесловенски просветители

Проф. д-р Илија Велев

Св. Константин-Кирил Филозоф се упокоил на 14 февруари по стар црковен календарски стил, односно на 27 февруари 869 година – по точно изминати јубилејни 1.150 години. Смртта настапила кај папата во Рим по 50 дена тешко боледување, откако неговите физички и духовни сили почнале да се заморуваат од интензивната мисионерска дејност што ја вршел со брата си св. Методиј и со своите ученици-следбеници во период од нешто помалку од две децении. Неговата мисионерска активност била поттикната и иницирана од највисоките византиски државни и црковни авторитети, а на крајот и од самиот папа во Рим. Требало да се врши мисионерско влијание за реализирање на највисоките државни или црковни стратегиски интереси, првовремено во функција на ширење и афирмација на христијанството, преку кое ќе се придобијат непокрстените народи да се слеат во византискиот глобален свет. Новите околности ја наметнувале потребата да се балансираат односите на духовен и на просветен план и со сѐ поактивниот словенски фактор на териториите каде што словенското население веќе било доминантно.

Веројатно вклучувањето на св. Константин Филозоф во напоменативе две мисионерски идејни насоки на дејствување почнало да се актуализира уште во првата половина на 50-тите години од 9 век при т.н. Брегалничка мисија, кога во Стримонското словенско кнежество на брата си св. Методиј во брегалничко-струмичката област (845-855) требало да изврши црковно и политичко влијание да се врати лојалноста кон византиското подаништво на домородното и на словенското население во овој крај од Македонија, а со цел да се спречи бугарското завојување во границите на империјата. Се смета дека мисионерската активност била насочена кон дефинитивното прифаќање на христијанството меѓу Словените, од кои некои сѐ уште биле пагани, при што првпат светите браќа се нашле во улога на словенски просветители. Имено св. Методиј подготвил Воен судебник, познат како Закон за судење на луѓето, а го напишал на словеномакедонски говор – но со византискогрчко писмо (зашто сѐ уште не постоело устроено словенско писмо). Во некои култно-легендарни извори се споменува дека таму во 855 година св. Константин-Кирил ја устроил и првата словенска азбука. Всушност, може да се претпостави дека станува збор за првите обиди да се примени една „неустроена словенска азбука“ врз основа на византискогрчката ортографија, а самиот словенски просветителски процес останал нереализиран поради воениот и политички крах на Методиевото словенско кнежество во 855 година, кога било завојувано од бугарскиот кнез Борис.

Но за дел од истражувачите палеослависти е хипотетично постоењето на т.н. Брегалничка мисија, само зашто истата таа не се споменува во пространите житија за словенските просветители познати како Панонски легенди (инаку и тие со култно-легендарен содржински карактер). Во секој случај, управувањето на св. Методиј со Стримонското Кнежество меѓу 845 и 855 година и евентуалната мисионерска дејност на неговиот брат св. Константин-Кирил легендарно се засведочени и во народната меморија на месното население од струмичкиот крај за покрстувањето и за проповедта на словенското слово по течението на Стара Река (Струмешница). Имено, од населението на селата Сачево, Дабиља, Робово и Муртино долниот тек на реката се нарекува Кирчовица, според светителското име на св. Кирил, каде што со своите ученици одел по нејзините брегови за да го проповеда христијанството и да ги покрстува рибарите во нејзините бистри води. Во поново време овој култно-легендарен настан е насликан и на фрескоживописна сцена на источниот ѕид пред олтарот во струмичкиот храм посветен на св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици. Постои забележано уште едно легендарно раскажување за просветителската дејност на св. Константин-Кирил во околината на градот Делчево, во месноста Света Вода, дека тој му проповедал на населението црковни книги од грчки на словенски јазик.

Новите воени, политички, духовни и културни состојби што следувале само го одложиле процесот на афирмацијата на словенската цивилизација, што требало да ја постави рамноправно до актуелните за тоа време римолатинска и византиска христијанска култура. Во наредните две култно засведочени мисии на св. Константин-Кирил (Сараценската/Арапска во 851 или 855/856 година и Хазарската во 860-861 година) преовладувала стратегиската подреденост кон христијанството, како воен и политички инструмент за да се наметне византиското влијание меѓу тие народи. Веќе наредната византиска воено-политичка и притоа црковно-христијанска дипломатија при т.н. Моравска мисија (863-885) целосно била посветена на просветителската стратегија за воспоставување и афирмација на словенската богослужба, писменост и култура. Предводничката улога на св. Константин-Кирил широко ги отворила портите пред новиот глобален свет на Европа за овозможување еднакви можности на развој и афирмација на јазиците, културите и на традициите.
Токму и преку мисионерството во средновековна Велика Моравија со доминантно словенско население и во римолатинскиот Рим тој со брата си и со учениците најревносно ги спровел просветителските задачи, заживувајќи го историскиот процес на афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по византискогрчката и по римолатинската. Тоа на светите браќа им обезбедило историска гаранција да бидат зачувани во духовната и во културната меморија како сесловенски просветители, но и како општохристијански рамноапостоли. На историските крстопати низ вековите нивниот култ оставил траен белег за идентификување со словенското самопрепознавање и самоидентификување.

Но мисионерската дејност на сесловенските просветители докрај не ги исполнила политичките и црковните очекувања на византискиот Константинопол и на папата во Рим. Следствено, по згаснувањето на Моравската мисија во 885 година, натамошната афирмација на словенската цивилизација и култура ќе била принудена да се пролонгира и да почека нови историски околности во некои идни времиња – се разбира, доколку не продолжело ширењето на изворните кирилометодиевски просветителски идеи од страна на нивните ученици св. Климент и Наум Охридски во од нив формираната Охридска духовна и книжевна школа во Македонија.

Св. Константин Филозоф се родил во средновековниот македонски град Солун во периодот околу 826 или 827 година, како најмладо седмо дете на византискиот друнгариј Лав и на неговата жена Марија. Веројатно потекнувал од родот на старото домородно население во Македонија, кое знаело словенски јазик и веќе живеело сродно со другите народи во Византија и со Словените. Токму и поради тоа двајцата браќа биле одбрани од византискиот двор како посредници за да ги наметнуваат политичката и духовната волја над Словените:..Вие сте Солуњани, а сите Солуњани чисто словенски зборуваат. Неговото световно име било Константин, а при крајот на својот живот во Рим го добил и монашкото име Кирил. Како син на помошникот на солунскиот градоначалник тој ја имал таа привилегија да расте и воспитно да се издигнува непосредно со византиското благородништво. Раѓањето и детскиот период поминат во Солун му овозможиле уште во најраната младост да биде забележан неговиот раскошен и сестран талент, при што и му се овозможило престижно образовно надградување. Веќе афирмираниот талентиран млад човек го продолжил високото образование во византиската престолнина Константинопол, во престижната Магнаурска школа, каде што се образовал заедно со царските деца и со децата на високото византиско благородништво. Таму најмногу се истакнал меѓу сите ученици, а по завршувањето на Магнаурската школа се стекнал и со титулата филозоф, која ја добивале само одбрани учени лица што се истакнувале со сестрани знаења и со висока интелигенција.

Првиот негов постакадемски ангажман бил како секретар на патријархот и како библиотекар во соборната црква „Св. Софија“ во Константинопол, а притоа по кратко време заминал меѓу монашкото братство во манастирот на Босфор. Набргу се потврдила и неговата полемичка вештина како филозоф и како богослов, задавајќи му го последниот удар на иконоборството како христијанска ерес на јавното соочување со иконоборецот Јоан VII Граматик (834-842/843), веќе симнат од вселенскиот патријаршиски престол. Истовремено тоа претставувало и прва негова јавна промоција како вешт оратор и промислен филозоф и богослов, без кого веќе во иднина не можеле да се замислат разврските на религиозните и на мирските полемики што биле од исклучително значење за византиските политички интереси. Идната политичка или богословско-догматска кариера на св. Константин-Кирил била поврзана со византиското мисионерство во кнежеството на неговиот брат и меѓу други туѓи средини, што биле подалеку од родниот Солун и од Константинопол.

(продолжува)