Уметноста припаѓа во јавните галерии, а не во приватни трезори

153

Се сеќавам, на 18 години, се чувствував како издрогирана во собата на Ротко во „Тејт модерн“… Не можам да купам ниту едно уметничко дело што го сакам. Но само затоа што сакаш нешто, не значи дека мора да го поседуваш. Привилегијата за гледање треба да биде доволна, вели колумнистката Ријанон Луси Кослет за магазинот „Гардијан“

Премногу е лесно за милијардерите да го контролираат системот и да ги заклучуваат културните дела подалеку од погледот на јавноста. Сите треба да имаме шанса да се восхитуваме на одличните дела, вели колумнистката Ријанон Луси Кослет за магазинот „Гардијан“

– Се вљубив во една слика на летната изложба на Кралската академија во Лондон. Веќе одамна сум фасцинирана од проектот на Том Филипс, „Хумумент“, започнат во 1966 година кога тој за мала сума купи непознат викторијански роман од пазар за стари предмети и почна да слика на неговите страници. Сликата беше страница од тој роман, насликана со сини тонови, заедно со текст што зборува за прозорци и соништа. Се воодушевив кога ја видов. Иако не можев да си го дозволам ова уметничко дело (425 фунти), барем можев да одам во галерија и да го погледнам, и тоа беше привилегија – открива таа, посочувајќи дека уметноста ни припаѓа на сите нас.

Верзијата на „Мона Лиза“ од Ајлворт (западен Лондон), слика од истата жена што го носи името Лиза Џерардини, е наводно дело на Леонардо да Винчи. Таа во најголем дел се наоѓа во сопственост на анонимен конзорциум, и поголемиот дел од времето го поминува во нивниот трезор во швајцарска банка. Неодамна, беше дозволено накратко да се изложи на јавна изложба во Фиренца, а се одвиваше и битка за правата врз сликата, со адвокатот, Џовани Батиста Проти, кој се бореше во име на другите косопственици на сликата според кои таа не треба да се враќа во трезорот.
– Оној што ја поседува има одговорност кон човештвото. Важно е да се овозможи таа да патува низ светот, во корист на сите – рече тој.
Не се знае точно кои се сопствениците.

– Замислете навистина Леонардо да е авторот, како што тврдат сопствениците (иако јас и многу други се сомневаме). Колку е алчно да се скрие дел од нашата заедничка историја во ладен, темен сеф, спротивно на она што великодушните уметници ни покажуваат со нивното јавно откривање на своите души – вели Луси Кослет.
Велика Британија има систем за лиценцирање уметност, за кој некои сметаат дека е избалансиран во однос на тоа како се справува со конкурентските интереси на уметнички институции и сопственици на уметност. Британија нема систем во француски стил каде што музеите можат да ја спречат продажбата на предмет од национално значење со усогласување на цената, но за таков предмет може да се постави вето за извоз. Неодамна беше поставено привремено вето за акварелот на Тарнер „Темната Риги, езерото во Луцерн“, вреден 10 милиони фунти. Ова, во теорија, дозволува време да се соберат средства за да може сликата да се зачува за нацијата.
Одлуките за вето за извоз ги донесува Комисијата за ревизија за извоз на уметнички дела и предмети од културен интерес. Ова е независно тело, сервисирано од уметничкиот совет, кој го советува секретарот за култура за тоа дали уметничко дело е од национално, извонредно естетско или академско значење, во кој случај може да се поднесе приговор за извоз.

– Системот е далеку од совршен. Годишниот извештај на КРИУД содржи преглед на богатствата што ги зачувавме и оние што ги изгубивме – признава Кослет.
Во 2015 година, ремек-дело на Пол Сезан замина во странство, откако посакуваната цена од 13,5 милиони фунти не беше постигната. Минатата година, Велика Британија изгуби албум од пионерската фотографка Јулија Камерон, и реткиот Рубенсов портрет на Африканец за кој се сметаше дека е од „извонредно естетско значење“ и од исклучително значење за проучување на уметничката практика на Рубенс.
Пред две години, милијардерот Том Хил, менаџер на фондови во Њујорк, купи портрет на Понтормо. Националната галерија, заедно со „Артфанд“ и другите донатори, собраа сума од 30 милиони фунти за портретот на „Младиот човек со црвена капа“, но сепак Хил ги одби, што доведе до потреба од реформа на системот за дозволи за извоз.

Владата започна јавна консултација за предложениот законски обврзувачки механизам за придржување на купувачите, како Хил, за нивните обврски.
– Надежно, ова ќе биде ставено во функција. Но, сепак, не е доволно. Тековниот систем е дизајниран да ги задржува делата во земјата, но не нужно и јавно да бидат изложени. Одреден е период од 10 години во кој на купувачите што одбиваат да одговараат на понудите не им е дозволено повторно да аплицираат за дозвола за извоз. Овој период треба да се продолжи на 25 години. И зошто да не се усвои францускиот систем, каде што музеите можат да ја спречат продажбата? Моментално, сопствениците играат со системот ставајќи ги уметничките дела надвор од достапноста на музеите. На институциите им се потребни повеќе ресурси за да работат со донатори и колекционери и да се запознаат со лавиринтскиот систем за регулација. И поголема транспарентност е очајно потребна – заклучува Кослет.

Таа раскажува како некој неодамна ѝ посочил дека не се сеќаваме на чувството кога стоиме пред уметничко дело на ист начин како што можеби се сеќаваме на тоа каде сме биле кога одредена песна одела во заднина.

– Можам да се сетам на темната, правлива црква во Рим, каде што гледав во едно дело на Караваџо, бев восхитена од неговата светлина, живописна наспроти темните агли, но исто така ми беше и забавно што морав да ставам по едно евро во машината на секои неколку минути за да го осветлува. Така и во галериите на „Вајт Кјуб“, ѝ се смеев низ солзи на Трејси Емин кога за делото „Какво е чувството“ од 1996 година ја прашале дали чувствува дека ѝ недостига љубовта што доаѓа со родителството. Емин одговорила: „Па, можеш да го сакаш целиот свет, нели? “. И се сеќавам, на 18 години, се чувствував речиси издрогирана во собата на Ротко во „Тејт модерн“; и, всушност, издрогирана и наврната и тажна пред последните слики на Ван Гог во Амстердам. Не можам да купам ниту едно уметничко дело што го сакам. Но само затоа што сакаш нешто, не значи дека мора да го поседуваш. Привилегијата за гледање треба да биде доволна – вели Ријанон Луси Кослет.