Уметници од светот гости на прилепските ателјеа

347

Во текот на своето 62-годишно постоење, ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1.200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот

Во Центарот за современа ликовна уметност започнаа традиционалните ликовни манифестации: сликарската колонија, скулпторскиот симпозиум „Мермер“, студиото за пластика во дрво и ателјето за скулптура во метал. Уметници од земјава и од странство ќе творат до 10-ти месецов. Годинава акцент е ставен на 35-годишното опстојување на Интернационалното ателје за скулптура во метал, во кое веќе работи прилепскиот скулптор Марјан Стојаноски, како и уметниците Ѓорѓе Арнаут и Драгољуб Здравковиќ од Белград, Србија.

Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите: Алекс Клоус од Канада, Михал Бансик од Полска, Хозе Санчез Руис од Шпанија, Светлана Соло од Русија и прилепските сликари: Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски-Пижа, Лепа Милошеска, Марта Макеска, Кристијан Јованоски, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ, Тони Трајкоски, Ферди Булут, Тања Дмитриоска и Славчо Поповски. На симпозиумот во мермер оваа година учествуваат Албулен Незири од Косово и Каролина Палмеро од Аргентина, додека на Интернационалното студио за пластика во дрво ќе твори Радослав Симеонов, скулптор од Софија, Бугарија.

– Освен десетдневната творечка и плодна работа, уметниците ќе се дружат и ќе разменуваат искуства. Деновите минати на манифестациите се уметност што останува и што ќе ги потсетува наредните генерации за опстојувањето на Центарот за современа ликовна уметност, кој постои од 1957 година, со формирањето на првата Интернационална сликарска колонија – велат од центарот.

Центарот досега има континуирано ликовно творештво што низ годините успешно го негува и промовира преку формирање нови интернационални ликовни работилници (студија за уметничко изразување преку различни материјали и форми), ателјеа за скулптура во мермер, метал, дрво, керамика, пластика, мозаик, графика, витраж, уметничка фотографија… Во текот на своето 62-годишно постоење, ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1.200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.

– Постојано работиме на поттикнување и унапредување на ликовниот израз во насока на социјално одговорна уметност, која води сметка за актуелниот момент во општеството и уметноста, допира нови трендови во уметноста, истовремено збогатувајќи го фондот на уметнички дела – велат од центарот.