Уапсени четири лица поврзани со грабежот на векот

87

Албанската полиција уапси четири лица осомничени за поврзаност со грабежот на неколкумилионска сума пари на меѓународниот аеродром во Тирана, што се случи на 9 април.

Според полицијата, лицата се уапсени во акција спроведена во градот Елбасан, каде што продолжува претресот на повеќе домови.

Уапсените се на возраст од 25 до 38 години. Тројца од нив се од Елбасан, додека четвртиот е од градот Круја. Петтиот учесник во грабежот на векот, Адмир Муратај, беше убиен кратко по настанот во престрелка со полицијата.

Во полициската акција се одземени материјали како доказ, но засега нема трага од украдените пари, кои, според медиумите, изнесуваат од пет до 10 милиони евра и им припаѓаат на три банки во Тирана.

Петтемина разбојници при грабежот биле вооружени и маскирни во војнички униформи. Крадците прво ја исекле жичената ограда, по што со голема брзина со возило на кое пишувало „даночна управа“, влегле на аеродромската писта до авионот во кој веќе биле влезени патниците. Тројца од крадците влегле во авионот, кој требало да полета за Виена, и под закана од просторот за багаж ги зеле торбите со пари и побегнале.

По инцидентот компанијата „Аустриан“ соопшти дека повеќе нема да врши транспорт на пари од Албанија.


Опозицијата ќе ја блокира Тирана

Обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија, повика на масовност на четвртиот „национален протест“.
Опозицијата, наместо на протести пред парламентот, кој најави одржување пленарна седница, в четврток ќе ги блокира сите пристапни патишта кон Тирана. Опозицијата најави дека планира одржување протести во повеќе градови, сѐ до „заминувањето на албанскиот премиер Еди Рама и формирањето преодна влада“. Националниот совет на Демократската партија донесе едногласна одлука за бојкот на локалните избори закажани за 30 јуни, но и за нивно попречување.