Трофејот и многу од рекордите за Вардар

1279
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вардарци ја освоија четвртата титула во Регионалната лига, со победата над Загреб во финалето, со 26-24

Со победата над хрватскиот првак Загреб (26-24) во седмото финале на регионалната лига, ракометарите на Вардар се запишаа во историјата на натпреварувањето како прв тим со четири титули. Со Вардар се поврзаа уште голем број рекорди. Вардарци сезонава освоија најголем број бодови во една сезона во натпреварувањето, 52, забележувајќи 17 победи и едно реми без пораз. Најдолгата победничка серија на Вардар беше 12 натпревари во низа, а вардарци се сопственици и на најдолгата серија без пораз од 18 натпревари. Вардар, Загреб, Татран и Нексе се единствените четири екипи со максимален број учества во лигата, а Вардар и Загреб се единствени што биле дел од сите фајналфор-турнири во Регионалната лига.

Ракометарите на Вардар се единствените што во седумте сезони забележаа повеќе од 100 победи, вкупно 119, втор е Загреб со 98, а трет е Мешков со 75. Вардарци се рекордери и според тоа што имаат најмалку загубени натпревари во досегашните седум сезони, 22, и на оваа листа втор е Загреб со 39, а трет е Мешков Брест со 40 порази. Од 90-те меча сезонава дури 12 завршиле нерешено, што е најмногу досега во една сезона, а шест од нив се на хрватскиот вицепрвак Нексе. Од друга страна, белоруски Мешков во сите седум сезони ремизирал само на пет меча. Ракометарот на Вардар, Дианис Кристопанс, стана првиот ракометар во регионалното натпреварување со 129 одиграни меча. На оваа листа со најмногу настапи се уште Тончи Валчиќ 128 (Загреб) и Јакуб Хрстка 127 (Татран).

Годинашното финале во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со 6.000 гледачи е најпосетеното во историјата на завршните турнири на лигата. Четирите меча на седмиот фајналфор ги проследиле 16.650 гледачи, а најпосетен завршен турнир со 20.611 гледачи е тој од пред две години во Вараждин. Од другите постигнувањата, Словакот Радослав Антл (поранешен ракометар на Татран) кој уште е рекордер по вкупниот број на постигнати голови во лигата, 579. Втор на листата е десниот бек на Вардар Кристопанс со 578. Антал и Дејан Манасков се сопственици и на рекорден број погодоци на еден натпревар, по 17 и најмногу голови во едно полувреме, по 10. Ракометарот на Веспрем Момир Илиќ е рекордер според бројот на постигнати пенали на еден меч, вкупно девет, а најмногу одбрани на еден меч, по 23, имале дури четворица голмани – Урбан Лесјак, Иван Пешиќ, Тибор Иванишевиќ и Иван Стевановиќ.