Тркалото на животот

149

Некогаш, не многу одамна, останала Сегашноста без работа. Немала ниту пари, ниту работа за да може да си купи храна за да јаде и три дена гладувала.

Шетала, одела овде, онде за да најде работа, но не можела никаде да најде ни храна, ни работа и почнала на цел глас да вика:
– Оф, јас душичка, што да правам, дали ќе најдам храна, нема ли некој да ми помогне, да ми подаде парче леб?

Ја слушнала Иднината и излегла пред неа:
– Каква мака имаш, а душичко, зошто толку гласно се жалиш? – ѝ рекла.
– Оф, сестро златна, како да не се жалам, пет дена не сум јадела ништо, немам ниту работа, само од водичка живеам!

Иднината ја исправила главата и рекла:
– Полека малку, не викај толку, не жали се! Дојди до мене, јас ќе ти го покажам патот со сите убавини.
– Ти благодарам, ако ми ја направиш таа добрина, да ми го покажеш патот по кој треба да чекорам, јас тоа нема никогаш да ти го заборавам!

Тргнала Сегашноста по Иднината, немајќи друг избор, зашто ќе умрела од глад. Оделе долго време, оделе и стигнале пред една стара воденица. Седнале да ручаат на трпезата пред воденицата. Стариот воденичар им донел топла погача, која неговата домаќинка штотуку ја испекла, и парче бело сирење.

Иднината ѝ рекла на Сегашноста:
– Јади не грижи се, јас ќе му платам за сѐ што денес ние овде јадеме.
Ручале убаво од топлата погача и белото сирење. Иднината викнала по воденичарот:
– Колку е сметката што треба да ја платам?
– Мошне добро прашање! Ти сакаш од мене сметка, а како јас да земам пари од тебе, ти си мојата иднина!

Сегашноста се почувствувала малку засрамено што двете јаделе без да платат. Погледнала во Иднината и како да сакала со поглед да ја праша, како ќе му надоместат на добриот воденичар?
– Го гледаш ли тркалото на воденицата како се врти? Забележуваш ли како едниот дел е долу, па горе? – ја прашала Иднината.

– Гледам – тивко одговорила Сегашноста.
– Ех, така е и во животот, и тој е како тркалото на воденицата! – се замешал воденичарот во разговорот.
– Еднаш си горе, еднаш си долу, затоа тркалото постојано се врти, како и среќата на секој човек – дополнила Иднината.
Малку збунета Сегашноста не одговорила ништо, само кимнала со главата во знак на одобрување.

Му се заблагодариле на воденичарот и тргнале двете да си одат, секоја по својот пат.
На разделба Иднината ѝ рекла на Сегашноста:
– Среќата кај секој човек доаѓа до три пати, затоа кога таа ќе чукне на вратата отвори ѝ, во спротивно ќе си замине! Од нашата сегашност зависи и нашата иднина и не заборавај, секој треба да биде праведен и чесен во сегашноста за да има убава иднина!