Три први места за малите балерини од студиото „Арт балет“

156

Освен првите награди, Антонија Атанасова, Зорица Тасевска и Нина Димитриоска, освоија и едно второ и едно трето место

Балетското студио „Арт балет“ од Скопје, под раководство на Тамара Ѓурчиновска, балетски педагог и кореографка, заедно со децата – претставници на Светското првенство во танц во Москва: Антонија Атанасова, ученичка во ООУ „Ј.А. Коменски“, Зорица Тасевска (ООУ „Војдан Чернодрински“) и Нина Димитриоска (ООУ „Коле Неделковски“), се закити со три први места, едно сребро и една бронза во класичен, модерен и џез-балет и акробатика, на овој престижен натпревар.

Европското првенство по танц во Москва, Русија е организирано и лиценцирано од Светската артистичка танцова федерација.

Македонија првпат имаше свој претставник на овој натпревар, на кој се слушна македонската химна и се вееше македонското знаме.

– Гордоста е голема бидејќи децата заминаа со сопствени средства и гордо и достоинствено со огромен труд и посветеност ги подготвуваа своите точки. Покажаа висок квалитет и на најубав начин ја претставија својата земја и на победничкиот пиедестал го вееја македонското знаме – вели Тамара Ѓурчиновска.

На Европското првенство учествуваа балерини од 22 држави: а децата беа оценувани од врвни професионалци од областа на танцот од целиот свет.