Триумф над Русија ќе го поправи впечатокот

145

По денешниот меч со Русија во Скопје, младата репрезентација на Македонија во вторник ѝ гостува на Австрија, во квалификациите за ЕП 2019

Фудбалската селекција на Македонија за играчи до 21 година денеска се среќава со Русија (тренинг-центар „Петар Милошевски“, 14 часот,) во квалификациската група 7 за пласман на Европското првенство (ЕП) 2019 во Италија и во Сан Марино. По мечот со Русија, Македонија ќе ѝ гостува на Австрија, во вторник.

Македонија, за разлика од минатите квалификации, за ЕП 2017 година во Полска, кога беше одлична и се пласира на завршниот турнир, во овој циклус има послаби резултати. На четирите натпревари Македонија забележа само една победа (во првиот натпревар над Ерменија, на гости со 3-0) и три порази и е претпоследна, со ист број бодови како Гибралтар, зад Ерменија (7), Австрија (9), Русија (10) и Србија (15 бода).
Селекторот Благоја Милевски рече дека победата никогаш не била императив за селекцијата што тој ја предводи, и оти е најважно тие да имаат вистински однос на теренот кон играта и кон противникот.

– Имаме квалитет и потенцијал да ја прекинеме низата од три порази. Битно е секогаш, на секој натпревар да се даде максимум. Во составот има неколку промени, повикани се четворица нови фудбалери, дебитанти – рече Милевски.