Трипати мери еднаш сечи

406

Примерот со грешките на градската администрација во решенијата за данок на имот треба да претставува опомена, што ќе повика на будност од страна на државата за да не се повторуваат грешки. Едноставно државата треба да си ги преземе обврските, а не потоа граѓаните да бидат обврзани да шетаат по шалтери и институции и да исправаат туѓи грешки, да трчаат по трипати на исти шалтери и да трошат пари, време и нерви. Тоа државата не смее да си го дозволи, доверба така не се гради. Мора да се оди по народната трипати мери еднаш сечи, за да нема грешки

Деновиве скопјани навистина потрошија многу време на шалтерите во двете бараки на градското собрание, на даночното одделение и секторот за финансии за да ги исправаат грешките што беше ги направила градската администрација во нивните решенија за данок на имот и фирмарина. А грешките не беа ниту мали ниту ситни, бидејќи поради погрешно пресметаната даночна ставка некои мораа да платат и повеќе од двојно. За да не се случи тоа, голем број граѓани чекајќи во редови секој вторник и петок на шалтерите, платија и со нерви и со изгубено време. Имаше и такви што не ја завршиле работата во еден ден, а други, пак, мораа да дојдат и неколкупати, па велеа дека треба да земат годишен одмор за да ги исправат работите. Оние, пак, што излегуваа од работа, можеби загубија и дневници, па си направија поголем трошок, само поради грешките на градските служби, а во целава оваа збрка други, пак, грешките во своите решенија за данок на имот не ги ни забележале. Сите не знаат по која ставка и на колкав процент треба да им биде направена пресметката. Е тие што не разбраа за грешката на администрацијата, како што вели народот, си платија ко попче. Во секојдневното брзање и многубројните обврски само извршија уплата на некои банкарски шалтер и си ја платија целата сума. Кој двојно, кој помалку, грешката ги чинеше пари и никој не разбра колку платил повеќе. Но оние што случајно знаеја колку и како треба да им се пресмета, распаметени трчаа да ги исправат работите, знаејќи дека подобро е на шалтер одошто на суд. Правната поука во решенијата за данок на имот токму тоа им го препорачува, оние што не се задоволни од решението можат да поведат управен спор пред надлежен суд.

Но, кој од оние што веќе извршиле уплати има време и нерви уште и по судови да шета? Кој плати плати, а сите други плаќаа и со нерви. Она што е интересно, а го кажуваат дел од скопјани е дека на шалтерите вработените им велеле дека имало грешка во системот. Па како може такво нешто, системот ли ја прави пресметката или луѓето и како, се прашувам, системот не згрешил да пресмета помалку, па да имаат корист граѓаните, туку секогаш се удира по нивниот џеб? Дури и еден шнајдер е подобар во својата одговорност кон муштериите, бидејќи трипати ќе ви земе мера, за да не го расипе штофот што сте го купиле за костим. Ќе ви земе мера, па ќе ве викне на проба, па уште една проба за на крајот да ви врачи квалитетен производ. Не попусто рекле старите трипати мери еднаш сечи, а градскиве служби ниту мереле ниту сечеле како што треба. Не може на ваков начин да се гради доверба меѓу граѓаните и институциите, чии системи никако, ама никако не смеат да потфрлат, како во случајов. Ова со погрешните пресметки во даночните решенија едноставно предупредува и упатува на помислата дека вакви случаи може да има и во други институции.

Примеров со грешките на градската администрација треба да претставува опомена, која ќе повика на будност од страна на државата за да не се повторуваат грешки.

Едноставно државата треба да си ги преземе обврските, а не потоа граѓаните да бидат обврзани да шетаат по шалтери и институции и да исправаат туѓи грешки, да трчаат по трипати на исти шалтери и да трошат пари, време и нерви. Тоа државата не смее да си го дозволи, доверба така не се гради. Мора да се оди по народната трипати мери еднаш сечи за да нема грешки.

Но, кај нас понекогаш грешките ни се повторуваат и тоа на ист начин. И тоа не е само случај со градската администрација. Еве и овој пат, како и многупати досега пред избори, се случува да потфрли и системот на ДИК. Па поради тоа, се случува некои граѓани да ги нема во избирачкиот список, повеќе гласачи да се запишани на иста адреса, нелогичен број избирачи да бидат на иста адреса и слично. Ако се прават грешки во институциите тогаш што да помислат граѓаните, како им се прават пресметките за сметките што ги добиваат секој месец за телефон, струја, парно или вода!? Колкумина се пожалиле на превисоки телефонски сметки, па дури побарале и помош од Организацијата на потрошувачи и пак не успеале да докажат дека малку зборувале, а многу треба да платат. И нема начин како да го проверат тоа, па дури и да ги добијат листите на сите телефонски разговори повторно тие нема да бидат во право. Долго не беа во право и исклучените од парно, кои мора да плаќаат паушал, па едвај ја извојуваа својата битка да се спасат од оваа давачка. Којзнае колку повеќе плаќаат за струја во зима оние што користат електрични грејни тела, бидејќи многупати имаат сомнеж дека добиваат превисоки сметки во кои можеби им се вкалкулира и она што го потрошиле тие што не плаќаат или крадат струја. Кој може сето тоа да го провери или знае… Тие што знаат, знаат да си пресметаат колку киловати потрошиле, ама тие што не знаат едноставно ќе си платат дебели сметки за да не останат без електрична енергија. Не можат да се занимаваат со пресметки колку потрошиле на скапа, а колку на евтина струја. Ако не се сметките за струја, тука се оние за вода и примерите на граѓани, кои платиле повеќе одошто треба. Да, се случило во стан од 50 квадратни метри со четиричлено семејство да стигне сметка од над 4.000 денари. А станот нема базен, децата се на училиште додека родителите им се работа. Како сметката стигнала до таа сума нема објаснување, но затоа граѓаните со вакви примери на шалтерите на „Водовод и канализација“ добивале одговор дека мора нешто да им тече во домот, или казанчето во бањата или некоја чешма. А никој не вели дека можеби тој што го читал водомерот погрешно го прочитал или погрешно запишал. Од друга страна, пак, што ако водомерот покажува погрешно, а граѓаните како да знаат дека тоа е така ако водоинсталатерите не си ги контролираат самите водоинсталатери. Граѓаните навистина ги фаќа страв, ако се случи ова со решенијата за данок на имот, што ќе се случи кога ќе ги добијат решенијата од Управата за приходи…

Не може секогаш вината да им се префрла на граѓаните. Одговорност мора да има, ниту претпријатијата, ниту институциите не смеат да потфрлат. Државата мора да си ги прифати обврските и да биде фер и коректна кон граѓаните, а тие ќе ѝ бидат лојални и ќе имаат доверба.

[email protected]