Течниот гас во фокусот на енергетската битка помеѓу САД и Русија

150

Компанијата „Новатек“ ја доби клучната улога за будење на Русија од сонот со природен течен гас и нејзино израснување во перспективен и респектабилен светски играч и за прашањето за трговијата со течен гас, оценува „Геополитика“

Американско-руската битка за европскиот пазар за гас сѐ повеќе се шири и на областа на природен течен гас (ПТГ). Токму енергетските проекти со ТНГ, со појавата на револуционерната фракинг-технологија за производство на природен гас, до неодамна беа зона од исклучиво американски интерес, додека, пак, Русија за прашањето за течен гас и терминали за ПТГ изминатите 20 години како да не беше многу заинтересирана. Меѓутоа, со почнатата противруска геополитичка борба, вклучувајќи ја и енергетската, на САД во изминатите николку години, работите почнаа да се менуваат, а Русија сѐ повеќе почна да отвора сопствени проекти за ПТГ, пред сѐ на Арктикот и на Далечниот Исток, наведува „Геополитика“.

Во рамките на таа цел, Русија, во соработка со јужнокорејските бродоградилишта, стана прва земја на светот со флота на танкери-мразокршачи, кои течниот гас од рускиот север го пренесуваат на источноазискиот пазар, а повремено и на европскиот, најчесто во соработка со францускиот енергетски гигант „Тотал“, кој по повлекувањето на американските компании е најверен партнер во сферата на енергетските проекти во климатски и технолошки тешко освојувачки огромни руски енергетски наоѓалишта на крајниот север. За развојот на проекти за ПТГ, во Русија неодамна се појави новата компанија „Новатек“, која, според некои аналитичари и на Западот и во Русија, ќе му стане конкурент и на самиот „Газпром“ – неприкосновениот лидер на гасот. Сепак, руските енергетски и политички стратези внимателно испланираа сѐ, па, така, сферите на интерес на двете компании јасно се одредени и поделени, па не се очекува да има проблеми во таа насока. „Новатек“, според „Геополитика“, едноставно ја доби клучната улога за будење на Русија од сонот со ПТГ и нејзино израснување во перспективен и респектабилен светски играч и за прашањето за трговијата со течен гас.

„Новатек“, која е најпозната како мнозински сопственик на големиот терминал за ПТГ на рускиот Арктик „Јамал-ПТГ“, до крајот на оваа година треба да избере партнери за новиот проект „Арктик ПТГ2“, кој ќе се гради во близината на „Јамал-ПТГ“. Засега е познато дека ќе биде постигнат договор и со француски „Тотал“. Заинтересираност за енергетскиот проект не покажуваат само Кинезите, кои веќе учествуваат во „Јамал-ЛНГ“, туку и Корејците, како и инвеститори од Блискиот Исток.

Првиот човек на „Новатек“, Леонид Михелсон, изјави дека „Тотал“ во проектот ќе има удел од 10 плус пет отсто акции, што вкупно ќе изнесува околу 2,5 милијарди долари. Двете компании се договориле и за рамноправен статус во однос на прашањето за право на глас и носење одлуки. „Новатек“ планира да продаде 40 отсто од уделот во новиот проект, а има повеќе заинтересирани страни. Меѓу нив се и инвеститори од арапските земји, а Саудиска Арабија наводно бара поголем удел, од околу 20 проценти, но уште нема никакви конкретни договори за тоа.

Со проектот „Арктик ПТГ2“ е планирано отворање на три производствени линии за течен гас, од кои првата би почнала со работа во 2023 година. Капиталните вложувања ќе изнесуваат околу 20 милијарди долари, а производствениот капацитет се проценува на 19,8 милиони тони природен гас годишно. За споредба, „Јамал ПТГ“ произведува 16,5 милиони тони гас годишно. Сопственикот на проектот примарно е фокусиран на јужноазискиот пазар, но не е исклучен и извозот за европските терминали за ПТГ. „Новатек“ наводно планира изградба и на една линија на веќе постојниот терминал за ПТГ во Белгија, за испорака на својот гас.

Неодамна, како што потсетува „Геополитика“, група американски сенатори поднесоа предлог-закон за воведување нови санкции против Русија, меѓу другото и против нејзините проекти за ПТГ. Нивната примарна цел несомнено е удар на конкуренцијата, бидејќи САД изминатите години значително го засилија својот извоз на течен гас, а токму азискиот пазар е најпривлечен, бидејќи таму се постигнуваат највисоки цени.

Рускиот министер за финансии, Антон Силуанов, во врска со тоа порача дека проектот „Арктик ПНГ2“, кој би можел да претрпи финансиски штети поради новите санкции, ќе продолжи да се развива со планираната динамика до конечната реализација. Станува збор за еден од најперспективните проекти за ПТГ во светот, а аналитичарите проценуваат дека по неговото пуштање во употреба, уделот на Русија во светската трговија со течен гас ќе порасне на 11 отсто, со што оваа земја ќе влезе меѓу четирите најголеми светски извозници на течен гас (Катар, Австралија, САД, Русија). За рускиот течен гас, покрај Кина и Јужна Кореја, кои веќе го добиваат, е и Индија, но и Јапонија, а се верува дека порано или подоцна ќе почне да пристигнува и на европска територија. На крајот, како што заклучува „Геополитика“, сѐ ќе се сведе на прашање на цена и безбедност на испораката, а поради сѐ поголемиот број играчи на пазарот, најголема корист од сѐ би требало да имаат крајните потрошувачи.

[email protected]