Технологијата наспроти демократијата

243

Во ера кога повеќето луѓе вестите ги добиваат преку социјалните медиуми, мафијашките држави и нивните лидери многу лесно ги цензурираат содржините на социјалните медиуми, кои ги сметаат за штетни. Кај либералните демократии, пак, регулирањето на социјалните медиуми не е лесно, зашто мора да се внимава на рамнотежата помеѓу слободите и должностите

Инстаграм, платформата за споделување фотографии во сопственост на Фејсбук, неодамна потклекна на барањата од руската влада да ги повлече објавите на опозицискиот лидер Алексеј Навални поради наводното непристојно однесување на рускиот заменик-премиер Сергеј Приходко. На една снимка на Јутјуб, која имаше речиси шест милиони прегледи (и сè уште е достапна), Навални го прикажува Приходко како се дружи со олигархот Олег Дерипаска на јахта во Норвешка, каде што наводно имало подмитување. Откако се појавија објавите на Навални, Дерипаска се обрати кај руската служба за контрола на комуникациите „Роскомнадзор“ за да побара од Фејсбук да ја повлече содржината, што веднаш беше направено.

Овој настан сега привлекува големо внимание, но и навлече силни критики кон Фејсбук. Сепак, постојат илјадници други вакви случаи. Во време кога повеќето луѓе ги добиваат вестите преку социјалните медиуми, мафијашките држави немаат многу проблеми со цензурирање на содржината на социјалните медиуми, за која нивните лидери сметаат дека може да им наштети на нивните интереси. Но за либералните демократии, контролата на социјалните медиуми не е директна, затоа што се бара од владите да одржуваат рамнотежа меѓу принципите на конкурентност. Сепак, платформите на социјалните медиуми не само што играат клучна улога како канали за слободен проток на информации туку тие исто така се соочуваат со жестоки критики затоа што не успеале да ја откријат незаконската или навредливата содржина, особено говорот на омраза и екстремистичката пропаганда. Овие недостатоци поттикнаа одговор од многу европски влади и самата ЕУ. ЕУ сега објави упатства за интернет-компаниите и се закани дека ќе ги казнува компаниите ако не ги почитуваат. Како што неодамна заклучи поранешниот директор на британската разузнавачка агенција ГЦХК, Роберт Ханиган, технолошките компании брзо ги губат шансите доброволно да направат реформи. Всушност, Германија веќе усвои закон што ќе наметне високи казни за платформите што не ја повлекле незаконската содржина во определен рок. Ваквите актуелни мерки се одговор на вооружувањето на платформите на социјалните медиуми од страна на нелибералните државни разузнавачки агенции и екстремистичките групи што сакаат да ги поделат западните општества преку говор на омраза и дезинформации.

Сега знаеме дека Агенцијата за пребарување на Интернет поврзана со Кремљ спроведе масовна кампања на Фејсбук и на Твитер за да ги зголеми шансите на Доналд Трамп за да победи на американските претседателски избори од 2016 година. Според обвиненијата на американскиот специјален обвинител Роберт Милер за 13-те Руси и трите организации, една армија руски тролови неколку месеци пред американските претседателски избори ги подгревале тензиите меѓу Американците и ги охрабрувале малцинските гласачи да не гласаат за Хилари Клинтон, противничката на Трамп. Откритијата на Милер очигледно поведоа важни прашања за транспарентноста и заштитата на демократските институции во дигиталната ера. Покрај тоа што самите си допуштија да станат алатка за специјалните операции на Кремљ, главните платформи на социјалните медиуми не сакаа да дадат информации за демократските влади и јавноста. На пример, во Британија, пратеникот Дамјан Колинс спроведе истрага за руското мешање во референдумот за брегзит од 2016 година, но имаше проблеми да добие поголема соработка од Фејсбук и Твитер. Во декември, тој го опиша одговорот на Твитер во неговите прашања како „крајно несоодветен“. Тоа е жално. Кога самата демократија е изложена на опасност, платформите на социјалните медиуми имаат одговорност да се транспарентни. Покрај тоа, ако Русија може да се меша толку длабоко во американските демократски процеси, само замислете што прави во Европа, каде што сè уште не знаеме кој финансираше дел од рекламните кампањи на Интернет во неодамнешните избори и референдуми. Се сомневам дека многу малку знаеме кога станува збор за откривање на странското мешање во нашите демократски институции и процеси. Мораме да бидеме подготвени затоа што ќе се одржат избори во Европскиот парламент во мај идната година. Технолошките гиганти, од нивна страна, ќе продолжат со тврдењата дека тие само ги шират информациите. Всушност, тие функционираат како издавачи и, соодветно на тоа, треба да подлежат на регулативи, не само како издавачи туку исто како речиси монополски дистрибутери.

Во секој случај, цензурата и манипулацијата со информациите не е нова. Но видот на државно спонзорирана хибридна војна што денес е актуелна е сосема нов. Непријателските сили го претворија нашиот отворен Интернет во септичка јама на дезинформации од кои повеќето ги шират автоматски ботови што главните платформи можат да ги чистат без да ја нарушат отворената дебата, односно ако имаа волја да го сторат тоа. Компаниите на социјалните медиуми ја имаат моќта да извршат значително влијание врз нашите општества, но тие немаат право да ги поставуваат правилата. Тој авторитет им припаѓа на нашите демократски институции, кои имаат обврска да се погрижат компаниите на социјалните медиуми да се однесуваат поодговорно од сега.

Авторот е бивш белгиски премиер и претседател на Алијансата на либералите
и демократите за европската група (АЛДЕ) во Европскиот парламент