Терапии со ветувачки резултати во лекувањето стануваат достапни

683

„Ремдесивир“ е првата целна терапија за лекување на ковид-19. Овој лек доби дозвола од Европската медицинска агенција да се користи за лекување пациенти. Тој е користен и за други коронавируси, како САРС и МЕРС

Сѐ повеќе ефикасни лекови против коронавирусот

„Ремдесивир“, „фавипиравир“ се лековите што даваат ветувачки резултати во лекувањето коронавируси во различни фази. „Ремдесивир“ е лекот што во моментов е најактуелен на светско ниво, бидејќи е првата терапија што минатата недела доби условна дозвола од Европската медицинска агенција да се користи во третман на пациенти со ковид-19. Овој лек, како и лекот „фавипиравир“, дава ветувачки резултати во лекувањето, а тоа го покажуваат новите сознанија и искуствата на други земји во светот.
Проф. д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет, чие поле на научен интерес се фармацевтска хемија, имунологија, биолошки лекови,  фармакоепидемиологија, вели дека „ремдесивир“ е првата целна терапија за ковид-19.

– Многу поактуелен лек сега е „ремдесивир“, бидејќи е тоа прва терапија што е целна за ковид-19. Се има користено и за други коронавируси, како САРС и МЕРС. Се чекаше Европската медицинска агенција да издаде официјална препорака, иако истата таа е условна, бидејќи ги нема поминато сите клинички студии. Станува збор за директен лек, односно антивирална целна терапија, за разлика од другите лекови („дексаметазон“, антибиотици), кои не дејствуваат директно на вирусот. „Ремдесивир“ дејствува директно на делбата на вирусот – појаснува професорката за „Нова Македонија“.
Препораката за користење „ремдесивир“ се заснова на податоци од студија на американскиот Национален институт за алергија и заразни болести, како и на дополнителни придружни податоци од други студии направени за конкретниот лек. Пациентите што биле третирани со „ремдесивир“ закрепнале по 11 дена, споредено со 15 дена за пациентите што добиле плацебо. Овој ефект не беше набљудуван кај пациентите со лесна до умерена фаза на болеста. Времето на закрепнување беше исто – пет дена, и за групата на „ремдесивир“ и за плацебо-групата.

За пациентите во потешка фаза на болеста, кои сочинувале приближно 90 отсто од популацијата опфатена со студијата, времето на закрепнување било 12 дена во групата на „ремдесивир“ и 18 дена во плацебо-групата. Не е забележана разлика во однос на времето на закрепнување кај пациентите што почнале со „ремдесивир“ кога веќе биле на механичка вентилација. Податоците за процентот на пациенти што починале до 28 дена по почнувањето на третманот во моментов се собираат за конечна анализа.
„Ремдесивир“ се дава венски со инфузија и неговата употреба е ограничена. Се дава во здравствени установи, во кои пациентите може внимателно да се следат. Пред и за време на третманот внимателно се следи функцијата на црниот дроб и на бубрезите.
Лекот „фавипиравир“, пак, е антивирусна терапија развиена во Јапонија и во моментов е предмет на 18 испитувања низ светот како потенцијален лек за ковид-19. Лекот е одобрен како лек за „рестриктивна итна потреба“ за третман на болеста.

Иако ефикасноста на јапонскиот лек сѐ уште не е докажана во лекувањето на пациентите со коронавирус, лекот се покажува како делотворен во спречувањето на размножувањето на вирусот. Поради тие охрабрувачки резултати, „авиган“ е во фокусот на вниманието на голем број земји во светот, а јапонската влада планира да ги унапреди клиничките испитувања на овој лек во лекувањето на болните од коронавирус.

Македонија минатата недела доби донација од лекот „авиган“ од јапонската влада, за лекување сто пациенти. Здравствените власти велат дека лекот е многу ефикасен и дека резултатите се одлични. „Фавипиравир авиган“ има и несакани дејства, како и секој друг лек, па затоа е многу важно во текот на примената да се користи адекватно и во согласност со сите медицински насоки.