„Тексас“, „Морчиба“ и Алан Вокер на „Скопје колинг 2018“

53

Светски познатите рок-бендови „Тексас“, „Морчиба“ и француската атракција „Нувел Ваг“ и дуото Аксвел ен Ингросо и Алан Вокер во делот на електронската музика се главни ѕвезди на трето издание на „Скопје колинг 2018“ што ќе се одржи од 21 до 24 јуни во Скопје.
Фестивалот, на стадионот на АРМ, ќе го отворат Аксвел ен Ингросо, втората вечер на 22 јуни настапуваат „Морчиба“ и „Нувел Ваг“. На 23 јуни вечерта е резервирана за љубителите на рок-музиката и гостувањето на еден од најголемите британски бендови на сите времиња – „Тексас“, кои првпат доаѓаат во регионот. Првпат на голем концерт на отворено во Скопје ќе може да го видиме и Дарко Рундек со неговиот бенд. Четиридневниот фестивалски спектакл на 24 јуни ќе го затвори последната голема ѕвезда на електронската музика, Aлан Вокер.
Сите артисти што доаѓаат оваа година на „Скопје колинг“ ќе настапат во рамките на нивните светски турнеи.

Бендовите, како што велат од продукцијата „Авалон“, која е организатор на фестивалот, имаат посебни барања, но пред сѐ во техничкиот дел, односно на обезбедување перфектна бина, звук, светло, техника.
Според претставниците на „Авалон“, ова е најголем музички настан од независноста на Македонија, затоа што во Скопје досега во четири дена немало толку многу квалитетни светски музички артисти на едно место, што го прави „Скопје колинг“ уникатен фестивал ова лето во Македонија. Се очекуваат околу 15.000 посетители од земјата и од регионот.
Ова е трета издание на „Скопје колинг“. Првата година меѓу ѕвездите што ги донесе фестивалот беше Давид Гета, а лани дојде Мартин Гарикс. Фестивалот овозможува и настап на домашни диџеи како поддршка на ѕвездите на фестивалот.