Театарот ме плени од првиот момент

157
Петар Арсовски, актер

Петар Арсовски е актер без кој е апсолутно незамисливо да се зборува за македонскиот современ театар. Даровит, работлив, посветен тој умее да се фати во костец со секој доверен нов лик.

Што значи наградата за животно дело за вас, особено што е доделена од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“?
Колку и да е клише сепак значи. Препорачувам да има повеќе награди затоа што така градиме историја, која ја заслужуваме, која ја имаме. Ако дозволиме заборавот да го однесе тоа, тогаш навистина сме несериозни кон богатството што го имаме. Во минатото тоа беше подобро, во времето на професорот Милчин и другите колеги, кои немале среќа да ја добијат. Заборав што не смееме да дозволиме да го изеде културното богатство наречено театар. Не сме свесни колку сме богати во театарот. За да бидеме свесни мораме да се споредиме едни со други, театар со театар, со театри од други земји и да гостуваме. Наградата треба да биде историја што нема да се заборави, од која младите ќе учат.

Зад вас се години во театар, одиграни многубројни улоги?
Имав среќа што професијата ја сфатив сериозно, иако релативно доцна почнав во театарот. Претходно студирав некои други науки, бев на право, архитектура, на книжевност до трета година и тогаш се отвори Факултетот за драмски уметности со Илија Милчин, на кој сум горд што бев негов студент. Условите беа примамливи, имав стипендија, гаранција дека ние од првата генерација ќе бидеме вработени. Се зафатив многу сериозно, а потоа театарот ме плени. Сфатив дека е една од најубавите професии од повеќе причини – ја негуваш фантазијата, нешто најдрагоцено, ѝ даваш неограничена слобода. Нема ништо што ќе кажеш на сцена, а публиката да не ти поверува. Колку да е неверојатно ако си убедлив, ако си чесен во тоа што го играш успеваш. Остануваш дете цело време. Затоа што си играш. Верувам во играта затоа што без неа нема успешен театар. Мораме да си играме. Ние играме на сцената, но ако си играте додека работите претстава резултатот ќе биде феноменален. Сега допирам до една сфера до тоа колку театарот е важен за едно општество. Замислете луѓе што работат еден шаблон, секој ден одат на работа и работат иста работа, колку за нив е драгоцено кога ќе видат претстава каде што фантазијата ќе отиде каде што никогаш не биле. Ќе ги видат своите јунаци – актерите што секојдневно ги среќаваат. Тоа е професија што се занимава со производ чиј резултат доаѓа за три месеци. Се прави претстава и има резултат, а публиката ни дава оцена.

Остана ли нешто што е длабоко врежано во вашата душа како лик и дали има нешто што сакавте да играте ама не успеавте?
Познато е дека најмногу се сеќавате на улоги што не сте ги одиграле. Тоа е желба што не ви се исполнила. Силно сакав да го играм Дон Кихот. За жал, немав среќа. Иако се постави во мојот театар, јас играв друга улога. Некогаш се појавува улога што не сте мислеле дека е ваша. Доаѓа режисер и вели: „Ти ова ќе го играш“. Се отвораат нови врати, некогаш не ни можеш да претпоставиш дека ќе бидеш брилијантен. На пример, таа фамозна улога во „Среќна Нова ’49“ беше со три-четири реченици, но таа се разви невидено и до ден-денес моите реплики останаа во сеќавање, како и мојот лик. Неочекувани се хоризонтите на мојата професија, која е една од најубавите. Среќен сум што токму за мојата професија ја добив престижната награда на МТФ „Војдан Чернодрински“.