Твитер-дипломатија и политичко рандеву во Сингапур

358

Многу актери се вклучени во решавање на замрзнатото севернокорејско прашање за истото тоа да заврши со неуспех. Истовремено, неговото решавање ќе го иницира и решавањето на иранското прашање во делот на нуклеарниот договор на ОН и на Иран, кој претходно САД го напушти

Кога станува збор за случајот со Северна Кореја, треба да се спомене дека за само неколку месеци целокупната геополитичка ситуација се видоизмени. Имено, пред една година севернокорејскиот претседател почна воени игри при што тестираше неколку нуклеарни проектили во меѓународните води. Тоа наиде на остра реакција од целиот свет, вклучувајќи ги Русија и Кина. САД го делегираше проблемот на Кина за да го „заузда“ младиот воинствен претседател.
Очигледни беа напорите на Кина за промена на воинствената реторика и почеток на интензивни преговори со јужниот сосед. Примената на мека дипломатија од страна на Кина резултираше со почеток на мировни преговори како и склучување многубројни билатерални договори меѓу двата соседа.

Истовремено првпат во поновата историја претседател на Северна Кореја ја посети Јужна Кореја. Наскоро ќе следува и историската средба помеѓу американскиот претседател и севернокорејскиот претседател. Секако дека од тајните преговори, кои беа увертира за официјалната дипломатија, некои од инволвираните актери дебело профитираа. Најмногу Кина, затоа што најверојатно од ова посредништво добро ќе се офајди преку низа отстапки на полето на економијата. САД ќе изгасат (барем привремено) едно навистина горливо прашање, Јужна Кореја ќе воздивне од децениската напнатост, додека светската јавност ќе се смири од стравот за можноста од нова светска војна.
Состанокот на двајцата лидери е закажан во Сингапур, а во меѓувреме односите помеѓу двете Кореи значително се подобрија за што Трамп напиша на Твитер дека тие отсекогаш биле добри пријатели, но се срамеле да го изразат тоа. Нејсе, ваквата твитер-комуникација одеше од крајност во крајност, од демонизирање на севернокорејскиот претседател па се до фалење на неговата разумност и мудрост. Светската јавност во меѓувреме стравуваше од нуклеарна војна, а твитер-заедницата се забавуваше, велејќи дека не се потребни радари што ќе го детектираат нуклеарниот напад, зошто истиот тој најверојатно претходно ќе биде најавен на Твитер.

Кристофер Хил, поранешниот амбасадор на САД во Македонија и бивш помошник-државен секретар на САД за Источна Азија, во својата колумна изразува сомнеж за искрените намери на севернокорејскиот претседател во преговорите со Трамп. Тој смета дека и покрај тоа што Северна Кореја пред телевизиските камери ги уништи полигоните за тестирање на нуклеарното вооружување, како и тоа што го активираше мораториумот за развој на нуклеарно вооружување, сепак смета дека преговорите не се водат од позиција на вин-вин ситуација.
Тоа би резултирало со повторно замрзнување на преговорите и нова политичка криза, која ќе го засени досегашниот напредок помеѓу двете земји и соседите.

Претседателот Трамп се залага за доминација на Америка на меѓународната политичка сцена (без употреба на воена сила) заради зачувување на националните интереси, додека, пак, европските лидери се залагаат за проактивна улога на Европа во креирањето на светската политика, прокламирање на сопствените идеи и создавање и извоз на култура по сопствен модел, тоа што денес се нарекува западна култура. Наедно се залагаат за ребрендирање на нефункционалната ОН, каде што мирот ќе се одржува врз база на колективна безбедност, а не како досега врз база на сојузништво.
Според Хил, забележителна е тајната дипломатија што ја води САД со Северна Кореја. Хил смета дека историјата покажува дека тајната дипломатија речиси секогаш резултира со успех за страните што ја водат. Причините за тоа е што самиот преговарачки процес не е обременет од критиките на јавноста или од некои други актери, чии интереси се засегнати од преговарачкиот процес.
Лично сметам дека многу актери се вклучени во решавање на замрзнатото севернокорејско прашање за истото тоа да заврши со неуспех, а истовремено неговото решавање ќе го иницира и решавањето на иранското прашање во делот на нуклеарниот договор на ОН и на Иран, кој претходно САД го напушти.
Политичките фигури се наместени на шаховската табла, следно е да се види уште која од страните ќе заигра со белите фигури.