Тбилиси – беспрекорно функционирање на хаосот

716

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ГРУЗИЈА (2)

Ако некогаш сте посакале да патувате низ историјата, а не сте можеле зашто времеплов сѐ уште не е измислен, или можеби сте посакале да патувате околу светот за да сретнете луѓе од различни меридијани, но сте немале време или пари за тоа, отпатувајте во Тбилиси. Голема е веројатноста дека двете желби ќе ви се исполнат…

Текст и фото:
Дарко Андоновски

Тбилиси нѐ пречекува во полн сјај и со сите атрибути на еден град со 1,2 милион жители. Голема скулптура на кралот Давид Четврти (Градителот) на коњ, во чие време Грузија го достигнала својот најголем подем, доминира уште на самиот влез во градот, а широките булевари, модерните зданија и повеќедецениските дрвореди, се само дел од сликата што нѐ следи додека се движиме кон неговата внатрешност.

Стилот на возење, на кој веќе се навикнавме патувајќи низ Грузија, тука само уште повеќе добива интeнзитет, а лентите на сообраќајниците, ни се чини, имаат исклучиво декоративна улога, затоа што возачите го користат секој празен простор што им е на располагање, вклучувајќи се во сообраќајниот метеж од сите можни страни. Звонко, кој на ова патување доби неочекувано голема желба да седи зад воланот, иако со малку покачена доза адреналин, одлично се справува со непредвидливите ситуации.

Единствено репертоарот на „комплименти“ за колегите од другата страна на шофершајбната, збогатен со сите оние епитети што не се учат на часовите по мајчин јазик и литература, рапидно му се збогатува. За разлика од него, на лицата на грузиските возачи забележуваме, за нас, несекојдневна смиреност и опуштеност. По кратко време сфаќаме дека всушност ние сме натрапниците и го прифаќаме стилот на возење. И, како по некое чудо, доаѓаме до заклучок дека ваквиот хаос функционира беспрекорно, а сообраќајот е исклучително ефикасен и речиси да нема застои.
Неколкуте наредни денови, всушност, ни откриваат дека синтагмата „беспрекорно функционирање на хаосот“ е можеби најточната дефиниција со која би се опишал начинот на кој функционира главниот град на Грузија.

Тбилиси е град со традиција што трае веќе еден и пол милениум. Основан е во 5 век од Вакхтанг Први, кралот на Иберија, прататковината на Грузијците (или Картвелите, како што самите се нарекуваат), кој тука ја преместил престолнината на своето кралство, од гратчето Мцкхета. Сместен е на двата брега на реката Мтквари (позната како Кура), која се влева во Касписко Море. Всушност, долината на Мтквари лежи на природниот пат, кој ги поврзува Касписко и Црно Море, каде што поминувала една од најзначајните маршрути на Патот на свилата. Ваквата местоположба предизвикала Тбилиси низ историјата да биде цел на многу големи освојувачи, и од исток и од запад, од кои секој на свој начин и во свое време, оставил белег врз архитектурата, културата и животот во градот. Благодарение на ова, денес Тбилиси е град во кој старата архитектура од различните историски периоди и стилови е слеана со современата архитектура во една чудесна хармонија. Тоа на овој град му дава неверојатен шарм, поради кој се смета за еден од неколкуте најатрактивни светски метрополи. Иако доминираат Грузијците, благодарејќи на ваквата историја, но и на отвореноста и космополитскиот дух, денес во Тбилиси живеат луѓе од околу 100 етнички заедници и од многу различни религии.

– Тука, на неколку стотини квадратни метри, можете да видите православна и католичка црква, кои заедно со синагога и џамија беспрекорно се вклопуваат во една урбана целина. Во џамијата во Тбилиси, како веројатно во ниту една друга во светот, едни до други се молат и сунити и шиити. И никогаш немало никаков проблем. Ни доаѓаат туристи од цел свет, сите се добредојдени, без разлика на националноста или религијата. Излезете вечер во стариот дел од градот и самите ќе се уверите – ни објаснува таксистот што нѐ вози кон центарот на градот.

По моето инсистирање дека сме од Македонија и љубопитноста дали воопшто знае каде е Македонија, добивам за мене изненадувачки одговор.

– Секако дека знам. Сум бил во Македонија. Порано бев припадник на грузиската армија и како дел од армиски контингент бевме на Косово, во 1999 година. За жал, немав можност да ја запознаам вашата земја повеќе, бидејќи бевме само на аеродромот Петровец, а оттаму директно отидовме на Косово – вели тој.

За време на 20-минутното возење од станот во кој се сместивме до центарот на градот, забележуваме дека тука посебно внимание се посветува на зеленилото. Речиси да нема улица што не е во сенка на огромни дрвореди, стари веројатно и по триесетина и повеќе години, а секој празен простор е на некаков начин хортикултурно уреден.

Зелената боја доминира и поради самиот релјеф на градот, кој е ридест и обраснат со природни шуми. Сообраќајот, иако на прв поглед хаотичен, функционира мошне добро. За ова, секако, придонесува и тоа што во Тбилиси масовно се користи метрото, кое е евтино (цената на билетот е 2 лари или околу 40 денари) и покрива голем дел од градот. Слично како и во Батуми, и тука никому ниту на крај памет не му паднало да ја насочува, а уште помалку да ја ограничува слободата на архитектонскиот израз. Како последица на тоа, низ градот можат да се забележат зданија со футуристички дизајн и фасцинантна естетика, во повеќето случаи дизајнирани од италијански архитекти, кои на уникатен начин го облагородуваат амбиентот. Доминантна позиција во градот има црквата „Цминда Самеба“, посветена на Света Троица, која е изградена на крајот на минатиот век, во чест на 1.500-годишнината од автокефалноста на Грузиската православна црква.

Тбилиси годишно го посетуваат 1,5 милиони туристи

Иако одредени делови од градот ни оддаваат впечаток на богата метропола, постојат и квартови што нѐ потсетуваат дека и Тбилиси, како и најголемиот број на посткомунистички главни градови, не останал имун на синдромот на изразени социјални разлики. Шетајќи низ самиот центар, забележуваме дека е неретка сликата на претежно возрасни луѓе, кои питаат или, пак, седнати на некаква гајба или кутија, продаваат нешто што им се нашло дома, за да преживеат. Од друга страна, ултралуксузните трговски центри, во кои среќаваме продавници од најреномирани светски марки како што се „Карл Лагерфилд“, „Трусарди“ и слични ним, се амбиентот за оние што се нашле на посреќната страна на транзицискиот период.
На само стотина метри од центарот е стариот град.

Во Грузија сите фирми и реклами на странските компании задолжително се преведени и на грузијски јазик

Стариот дел на Тбилиси е еден од оние амбиенти што никого не оставаат рамнодушен. Малите и тесни улички преполни со минијатурни продавници во кои најчесто се продаваат сувенири и домашни ракотворби, уличните продавачи, мирисот на свежо печен леб, разнобојниот колорит на старата архитектура, многубројните споменици и религиозни објекти, историските знаменитости, рестораните, кафулињата, и сето тоа зачинето со врвулица од туристи, обичната прошетка низ овој дел од градот ја претвораат во врвно доживување за сите сетила. Во срцето на стариот град се наоѓа комплекс од арапски бањи, кои лежат на извори на топла сулфурна вода, во кои се нудат бањски услуги како низ вековите во минатото. Легендата вели дека токму овие извори го натерале кралот Вакхтанг тука да ја изгради својата престолнина. Од нив доаѓа и името на градот Тбилиси, бидејќи „тбили“ на грузиски значи топло.

Во вечерните часови центарот на Тбилиси се претвора во голем ресторан во кој илјадници луѓе седат опуштено, одмораат, ги истражуваат богатите вкусови на грузиската кујна, уживаат во надалеку познатото грузиско вино или, пак, шетаат низ тесните улички или по кејот на Мтквари, до кое било време од ноќта. Посебно доживување се рестораните во кои низ грузискиот фолклор може да се почувствуваат моќниот дух на овој народ и неговата речиси двомилениумска традиција. Сево ова придонесува бројот на туристи во Тбилиси од година на година постојано да расте со неверојатни стапки, кои се движат и до 30 отсто на годишно ниво, а во 2018 година нивната бројка била околу 1,5 милион.

Како и во секој голем град и во Тбилиси можат да се посетат голем број објекти од културниот живот на Грузија, меѓу кои посебно место зазема Грузискиот национален музеј, кој нуди уникатна можност во него да се видат артефакти уште од најраните периоди на човековата егзистенција. Како највпечатлив дел од богатата колекција на овој музеј се петте черепи и остатоци од скелет на праисториски човек, пронајдени во локалитетот Дманиси во јужна Грузија, стари околу 1,8 милион години. Тоа се најстарите остатоци на праисторискиот човек во светот, кои се пронајдени надвор од африканскиот континент.

Но за да се почувствува повеќемилениумската историја на оваа земја, не мора да се оди во музеј, затоа што речиси секоја педа на Грузија е историска знаменитост или археолошки локалитет.

Во градот може да се сретнат луѓе од сите меридијани

Грузија – безбедна земја

Додека полниме бензин во близината на еден голем паркинг за таксисти, вниманието ми го привлекуваат сообраќаен полицаец и неговиот вонсериски „форд интерсептор“. Специјално направен за полициски потреби, овој автомобил, на чиј преден браник има некаков додаток што не може да има друга намена освен за удирање во други возила, со својот агресивен дизајн ме потсетува на полициските коли од филмовите за Лудиот Макс. Полицаецот, бавно движејќи се покрај педесетина хаотично паркирани такси-возила и комбиња, без ниеден збор или посебна гестикулација, со само едно покажување со прст низ отворениот прозорец од автомобилот, ги постројува сите таксисти зад линијата, која точно го определува просторот наменет за нив. Нема реакции, ниту пак коментари. За неколку минути редот е воспоставен. Во Грузија полицијата има голем авторитет меѓу населението. Всушност, полиција во Грузија има насекаде, па без разлика дали се движите со возило или пешки, во град или сте некаде на пат, нема да поминат повеќе од десетина минути без да сретнете полициска патрола. Поради ова, но и поради исклучително ефективните реформи во правосудниот систем и во борбата против корупција, Грузија е рангирана меѓу земјите со најниска стапка на криминал во светот. Тоа значи дека во оваа земја можете да бидете безгрижни за својата и за безбедноста на својот имот, каде и да се наоѓате и во кое било време од денот или ноќта.

Полициски „форд интерсептор“
Централна зграда на полицијата во Тблиси. Со реформите во полицијата, сите полициски станици во Грузија се со стаклени ѕидови заради транспарентност


Реформирана јавна администрација

Едно од највпечатливите зданија во Тбилиси е централната зграда на јавната администрација во која се сместени услужните сектори на сите јавни служби. Тука, на едно место, може да се добијат повеќе од 400 различни административни услуги. Принципот функционира вака: граѓанинот на влезот во зградата доаѓа на шалтер за информации, од каде што во зависност од видот на услугата што му е потребна, го упатуваат во соодветниот оддел. Постојат три оддели, за самоуслужување, за брзи услуги и за подолготрајни услуги. Во одделот за самоуслужување граѓаните, користејќи специјални апарати за таа намена, можат да добијат услуги како што се примерок од регистрација на имот или претпријатие, биометриска слика за лична карта и пасош, подигање готовина од банкомат или различни видови плаќање. Во одделот за брза услуга, може да се добијат услугите, чие времетраење не надминува две минути. Тука спаѓаат услугите како: издавање на веќе испечатена лична карта или пасош, сите изводи од матичните книги, државјанства, катарски изводи и слично. Во одделот за подолготрајна услуга, се добиваат услуги за кои е потребно повеќе од пет минути, како што се доставување апликации за пасош, лични карти, регистрација на имот или претпријатие, како и издавање документи од архива. За добивање на која било услуга не се чека ред затоа што целиот процес се мониторира и регулира преку интегриран електронски систем за управување со редици. Практиката покажала дека овие рокови, во вака поставениот систем, никогаш не се надминуваат. Вакви централни административни згради постојат во 20 града во Грузија.

Централна зграда на јавната администрација

Шоти – традиционален грузиски леб

Грузискиот леб шоти има специфичен облик во вид на чун и тежи околу 300-400 грама, во зависност од големината, а цената му се движи од 0,5 до еден лар (околу 10-20 денари).

Шоти, кој се прави од брашно, вода, сол и квасец, се меси до дебело тесто, потоа се обликува во потребната форма и се лепи на ѕидовите на печката, загреана на 300 степени. Токму на оваа температура лебот нема да падне, туку ќе биде испечен до златно кафеава боја. Во просек, потребни се 10-15 минути за да се пече крцкавиот, миризлив леб.

Пред да се стави во печката, во средниот дел од лебот се прави дупка која е неопходен технолошки атрибут. Без неа, топлиот воздух би се проширил во внатрешноста на лебот и целиот леб би се претворил во голем меур.

Печката се прави со глинена тула и изгледа како бунар за вода. На дното од печката има оган или греач, а лебот се пече залепен на ѕидовите.


Метрото во Тбилиси превезува 100 милиони патници

Метрото во Тбилиси е пуштено во употреба во 1966 година и е во должина од 27,1 км. Годишно превезува околу 100 милиони патници. Неговата изградба започнала во 1952 година, по наредба на тогашниот советски претседател Јосиф Висарионович Сталин, кој бил Грузиец. Тоа било четвртото метро по ред кое било изградено во Советскиот сојуз, по Москва, Ленинград (денешен Санкт Петербург) и Киев. Во тоа време Тбилиси имал околу 600 илјади жители, а основен услов кој требало да биде исполнет за еден град да добие метро, бил да има повеќе од 1 милион жители. И покрај тоа, Сталин ја одобрил градбата. Денес Грузијците коментираат дека тоа била единствената услуга што Сталин ја направил за својата родна земја.

 


Станови за 200 евра за квадратен метар

Во Тбилиси, становите во новоградба се продаваат во три степени на изведени завршни работи:

Шави каркаси – црна карабина, е стан што има прозорци според основниот проект, но внатре нема преградни ѕидови, ниту паркет, а наместо влезна врата има шперплоча закована со шајка. До станот има довод за струја, вода, гас и канализација, но не и инсталација. Ваквата верзија, зависно од оддалеченоста од центарот, чини од 200 американски долари на периферија до 700 американски долари во центарот на градот.

Тетри каркаси – бела карабина, претставува веќе оформен стан со преградни ѕидови и паркет или ламинат, со изведени инсталации и санитарија. Таквите станови чинат помеѓу 500 и 1100 американски долари, во зависност од местоположбата во градот.

Се продаваат и комплетно опремени станови  кои чинат од 1500 американски долари па нагоре и тие обично се наоѓаат во центарот на градот или во негова близина.

Во зградите во кои становите се продаваат како карабина, а тоа е најчест случај,  секој сопственик сам си го уредува станот по свој вкус, но заедничкиот простор, ходниците и скалите, доколку станарите не се договорат да ги опремат, остануваат во вид на карабина. Многу често може да се види модерна зграда, со современ изглед и убава фасада однадвор, а внатре ходниците да се дури и без малтер, а подот и скалите да се од гол бетон.

Неретка слика во ходниците

Екипа на „Нова Македонија“:
Дарко Андоновски
Димитар Васевски
Звонко Младеновски

(продолжува)