Тактики и стратегии на големите сили за Балканот

866
САД и ЕУ подготвуваат стратегија за борба против Русија на Балканот

Нови сфери на влијание се обликуваат на Балканот, а борбата за глобално влијание и за превласт помеѓу Америка и Русија доживува нова епизода. На ваква констатација нѐ наведуваат неодамнешните информации во кои се истакнува дека суперсилите кројат нови стратегии со кои планираат да дејствуваат во регионот

Вашингтон и Брисел подготвуваат стратегија за да ѝ се спротивстават на Русија на Балканот, изјави заменик-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, пренесува „Блумберг“. Како што изјавил Палмер, САД се заинтересирани за зачувување на стабилноста во регионот, додека Русија сака само да „внесе хаос“.

Тој за време на својата посета на Хрватска, според „Блумберг“, изјавил дека Русија упорно се обидува да го наруши договорот што неодамна го постигнаа Грција и Северна Македонија, како и да ги „разбесни“ Србите во Босна и Херцеговина.

Американскиот медиум во својот осврт на случувањата информира дека додека САД и нивните партнери сакаат мир втемелен на законите и на транспарентноста, Москва посакува хаос и недоверба, додаде заменик-државниот секретар на САД.

Во меѓувреме, во свој осврт на случувањата на Балканот, американскиот магазин „Милитери тајмс“ цитира изјава од генералот Кертис Скапароти, кој вели дека во моментов во пораст е руската агресија во регионот.

Генералот Скапароти, кој е, инаку, командант на оружените сили за Европа на НАТО, во свој исказ пред американскиот Конгрес истакнал дека е забележано руско мешање на Балканот, кое особено се засилило во последните месеци.

„Милитери тајмс“ информира дека генералот во својот исказ истовремено ги увери американските политичари дека воени сили на САД во регионот се на „највисоко ниво на подготвеност“, откако тој ја презел командата пред три години.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие случувања, вели дека она што би можело да се заклучи е дека очигледно постои нов стратегиски пристап на Москва кон регионот.

– Русија очигледно се определи за нискобуџетен опортунистички пристап кон регионот, ширејќи го своето влијание преку локалните актери. Таа има за цел на овој начин преку локалните политичари, медиуми и бизниси индиректно да влијае на европските перспективи на земјите и тие да се свртат кон Русија – вели аналитичарот.
Американскиот интернет-портал „Полиграф-инфо“ во своја анализа на оваа тема, поврзана со влијанието на големите сили во светот, пишува дека најверојатно Кремљ има осмислено долгорочна стратегија за ограничување на евроатлантската интеграција, со која планира зголемување на влијанието на Русија на Балканот.
Во својот текст порталот пишува дека ваквата стратегија се базира на детално разработена тактика, која се применува во последните десет години од страна на руски официјални лица, офицери за воено разузнавање, идеолози на Кремљ, културни организации спонзорирани од руската влада, влијателни социјални медиуми, па дури и Православната црква, за да се шири руското влијание.

Докторот по политички науки и политички аналитичар од институтот „Карнеги“, Пол Стронски, вели дека Русија веќе не гледа на Балканот како на суштински стратегиска територија сама по себе и дека затоа Москва ќе ја менува тактиката, но не и целта.
– Кремљ не го гледа Балканот како регион од витален стратегиски интерес. Наместо тоа, балканските држави Москва ги смета за алатки со кои ќе се обиде да влијае врз пошироките европски безбедносни прашања. Сеопфатната цел на Русија е да се одложи и да се комплицира проширувањето и на НАТО и на ЕУ – вели Стронски во својата најнова анализа.

Во меѓувреме, констатацијата дека Русија навистина планира да остане на Балканот со своето влијание и во иднина, можеби може да се препознае и во изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, дадена за време на неговата неодамнешна посета на Србија и регионот.

– Русија, како и Србија, е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден – изјави Путин во Србија.

Пред посетата на Белград, рускиот претседател во интервју за весниците „Политика“ и „Вечерни новости“ го обвини Западот дека се обидува да обезбеди доминација на Балканот преку приемот на Црна Гора во НАТО и притисокот што се врши врз Македонија и таа да стане членка на НАТО.

Долгогодишниот дипломатот и публицист Драган Јањатов вели дека властите во Москва во годините што доаѓаат со сигурност ќе се обидат да задржат некој за нив стратегиски потребен минимум со кој ќе покажат дека се присутни на Балканот.

– Балканот очигледно е стратегиски интересна сфера од веќе познатите постулати како порта кон Азија, Блискиот Исток и слично. Токму поради овие причини, но и ширењето на НАТО, Русија се наоѓа во ситуација да држи гард кон експанзијата на Балканот што е очигледна во регионот. Тоа, верувам, ќе остане така и во иднина. Дополнително, јас не предвидувам дека ќе има некаква ескалација на руските интереси за регионот, без разлика на актуелните отворени прашања поврзани со Косово и Србија и случувањата во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Верувам дека Русите ќе го задржат неопходниот минимум на дејствување за да му стават на знаење на Западот дека се тука и дека не кренале раце, иако овој регион за нив нема специјална вредност ниту па постојат специјални руски аспирации, бидејќи Балканот им е споредна важна работа – вели Јањатов.

Дипломатот истакнува дека, како и досега, најверојатно Русија ќе го задржи курсот на развојот на билатералните врски со Македонија и земјите од регионот и нема да дејствува во правец на некоја посебна експанзија на политички, верски или какви било други интереси.


Протести во Белград, се бара оставка од Вучиќ

Илјадници граѓани викендов протестираа во српскиот главен град Белград против претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка. За време на вчерашното обраќање на претседателот Вучиќ од зградата на Претседателството кон народот, по повод последните протести, неколку стотици демонстранти беа пред зградата и цело време свиркаа додека траеше протестот. Тие побараа од Вучиќ да се повлече од функцијата и да престане да го лаже народот.

– Бараме Вучиќ да биде храбар и да се обрати тука, пред народот, а не да се обраќа само пред оние медиуми што самиот ги избира. Пред камерите се прави дека е силен, а тука каде што го чекаме го нема никаде – изјавија демонстрантите.

Инаку, зградата на претседателот вчера беше под силно полициско обезбедување, а полиција веќе со месеци е присутна и низ цел Белград. За денеска се најавени нови протести низ главниот град на Србија. Вчера демонстранти упаднаа во зградата на Радио-телевизија Србија и сакаа да се обратат во живо во дневникот.

а[email protected]