Сѐ повеќe се слуша за Интернет на нештата или Иот

168

Со развојот на технологијата разни секојдневни уреди стануваат паметни, а трендот укажува дека ќе бидат поврзани преку Интернет како дел од Интернет на нештата. Со развојот на технолошките можности, машините во фабриките ќе имаат можност да бидат меѓусебно поврзани, но и да се поврзани со Интернет. Експертите предвидуваат дека повеќе од половина од новите бизниси ќе работат според Иот-принципот до 2020 година. Во најширока смисла, терминот Иот опфаќа сѐ што е поврзано на Интернет, но сѐ повеќе овој термин се користи за дефинирање предмети или уреди што комуницираат едни со други.

– Едноставно кажано, Интернет на нештата е составен од уреди – од едноставни сензори до паметни телефони и други уреди што се поврзани заедно – вели Метју Еванс, шеф на програмата на Иот во „ТечУК“.

Со комбинирање на овие поврзани уреди во автоматизирани системи, се собираат информациите, се анализираат и се потпомагаат корисничките барања. Во реалноста, овој концепт моментално се користи во паметните огледала. Според технологијата што е вградена во паметното огледало, корисниците освен што можат да се гледаат на огледалото, можат да видат колкава е надворешната температурата, да го пребаруваат Интернет, да ја контролираат температура на клима-уредите, да ја следат општата здравствена состојба на својот организам и многу други можности. Доколку се постават тактилни сензори во комбинација со мобилниот телефон што би читале колку се движите, преку огледалото може да се мери бројот на биења на срцето и да ни дава увид во општата здравствена состојба. Доколку се вгради екран што има оперативен систем, ќе можеме да гледаме јутјуб-видеа или да си пуштиме филм преку Интернет.

Доколку поставиме камера во комбинација со екран, ќе можеме да ја менуваме бојата на косата или облеката, да се сликаме и да ја прикажеме на екранот на огледалото, при што ќе видиме како би изгледале. Благодарение на овој концепт на поврзувањето на уредите, се креираат голем број опции и можности за користење. Паметните огледала се само еден пример на таа поврзаност и комбинирање на уредите во еден систем.

– Сѐ се врти околу мрежите, уредите и податоците. Иот им овозможува на уредите да комуницираат на затворени приватни интернет-врски и да комуницираат со други уреди, во исто време Иот ги поврзува овие мрежи. На ваков начин им се дава можност на уредите да комуницираат не само во рамките на блиските уреди, туку и со различни мрежи и мрежни типови, со што се создава многу поповрзан свет – вели Каролин Горски, шеф на Иот од „Дигитал катапулт“.

Користењето на Иот-системите има и темна страна, а тоа значи дека сѐ што може да се поврзе на Интернет и не мора да биде поврзано. Причината за овој став е дека секој уред собира податоци од корисникот за одредена цел и тие информации мораат да бидат споделени со другите уреди. Целиот процес се одвива преку Интернет и во тој процес информациите што се приватни можат да бидат злоупотребени. Ваквиот вид информации се потребни за производителите да го оформат системот и помагаат за да се утврди што е потребно да се даде до корисниците, но и да се даде на најдобар начин. Сепак, доколку не се користи современа опрема, постои можност за хакирање на уредите и злонамерно искористување на информациите.

Сè што е поврзано на Интернет може да се хакира, Иот-производите не се исклучок од ова непишано правило. Несигурните Иот-системи го доведоа производителот на играчки „ВТеч“ да ги изгуби видеата и сликите користејќи ги поврзаните уреди.

Извештај од „Самсунг“ вели дека има потреба да се обезбеди секој поврзан уред преку Иот до 2020 година. Документот за отворена економија на фирмата вели дека постои јасна опасност дека технологијата е понапредна отколку што може да се овозможи поединечна контрола за ваквите системи. Фирмата соопшти дека повеќе од 7,3 милијарди уреди ќе треба да ги направат безбедни од страна нивните производители пред 2020 година, доколку сакаат да ги користат со оваа технологија.