Суперлига

332

Европската фудбалска унија во минатите триесетина години ги амортизира обидите за поделба во европскиот клупски фудбал, па веројатно по сличниот модел сега е многу важен дијалогот на европската куќа на фудбалот со сите клубови и со сите домашни првенства за иднината на можеби најголемиот европски спортски бренд. Сепак, во најавениот или во некаков друг облик, некаква суперлига можеби ќе биде формирана, можеби не со тоа име, иако тренерот на европскиот првак, англискиот премиерлигаш Ливерпул, Германецот Јирген Клоп вели дека сегашната Лига на шампионите е токму европска Суперлига, анализирајќи го минатата недела квалитетот на тимовите пред ждрепката за новата сезона

Европските клупски натпреварувања повеќе од половина век се менуваат, се приспособуваат на условите, секогаш наоѓајќи решение за предизвиците. Во 1955 година се роди идејата за клупско натпреварување, потекната од францускиот весник „Лекип“, инспирирана од такво првенство во Јужна Америка, тогаш со повеќе од 10-годишен стаж, а сето тоа Европската фудбалска унија го официјализира истата година. Така, на 4 септември почна натпреварувањето што денес е Лига на шампионите.
Но триесетина години се зборува за формирање независна европска фудбалска Суперлига. Секогаш таквите најави го забрзуваат развојот на постојните натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА). Сега има нови најави, за од 2024 година, а и тоа, веројатно, ќе донесе нови промени.

Во 90-тите години од минатиот век, кога првпат се слушна за идејата за формирање самостојна Суперлига, Европската фудбалска унија реагира со промена на форматот на најсилното клупско натпреварување во светот и од куп на шампионите прво создаде шампионска лига, а потоа и натпреварување на шампионите, многу поисплатливо за Европската куќа на фудбалот, за клубовите, за фудбалерите…
Паралелно следуваа реформи и во послабите континентални клупски купови, па од трите други во тоа време, прво згасна Интертото-купот, а од преостанатите два се создаде едно, со спојувањето на тогашниот Куп на победниците на куповите со Купот на УЕФА, па почна ново натпреварување што сега е познато како Лига Европа.
Низ годините новите најави за Суперлига неизоставно носеа нови промени, па Лигата на шампионите се прошири од 24 на 32 тима, Лига Европа доби групна фаза (прво необична, без двомеч дома-гости со ривалите во групата, туку со еднокружен систем на натпреварување), се зголемуваа паричните награди, се воведе промоција во Лигата на шампионите за победникот на Лига Европа итн.

Во претходните десетина месеци одново се врати идејата, сега за затворена суперлига на фудбалски гиганти, за што Европската фудбалска унија и други чинители, пак, изјавија дека не ја поддржуваат. Но наскоро, сепак, можеби ќе следуваат нови промени во натпреварувачкиот систем, наградниот фонд, начинот на пополнување на куповите… Така, од 2021 година, на пример, треба да почне да се игра трето континентално клупско натпреварување (со работен наслов Лига Европа 2). Со него уште повеќе клубови да се вклучат во системот европски натпревари (вкупно 96 тима би играле во групните фази на трите купа, наместо 80 екипи во двете сегашни натпреварувања), низ кои, секако, фудбалот ќе напредува, но и повеќе клубови ќе бидат вклучени и во системот на распределба на паричните награди од Европската фудбалска унија за да се ублажуваат разликите помеѓу клубовите.

Европската фудбалска унија во минатите триесетина години ги амортизира обидите за поделба во европскиот клупски фудбал, па веројатно по сличниот модел сега е многу важен дијалогот на европската куќа на фудбалот со сите клубови и со сите домашни првенства за иднината на можеби најголемиот европски спортски бренд. Претседателот на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин, неодамна уште еднаш објави дека во плановите на Европската фудбалска унија не е формирање затворена лига.

Според една од идеите е 32-та тима да бидат поделени во четири групи, со по осум тима. Сепак, во најавениот или во некаков друг облик, некаква Суперлига можеби ќе биде формирана, можеби не со тоа име, иако тренерот на европскиот првак, англискиот премиерлигаш Ливерпул, Германецот Јирген Клоп вели дека сегашната Лига на шампионите е токму европска суперлига, анализирајќи го минатата недела квалитетот на тимовите пред ждрепката за новата сезона.

Но промените низ годините посочуваат дека со новите идеи веројатно ќе има и нови промени, а македонскиот фудбал нема да биде одминат од сето тоа. Лигата на шампионите веројатно ќе стане уште потешко достапна, но клубовите ќе добијат шанса за повеќе натпревари со европски клубови со сличен квалитет, особено кога ќе биде формирано третото европско клупско натпреварување, што ќе донесе и европско фудбалско искуство и финансиска добивка. Како и досега, важна опција за фудбалот ќе биде продукцијата. Ова поднебје има фудбалски таленти, показател за тоа е и актуелниот летен преоден рок, но за да се дојде до поголем број таленти, потребни се уште повеќе работа, организација, посветеност… од сите, но и постојано подобрување на условите. Без разлика на евентуалните промени во европскиот фудбал.

[email protected]