Суперавтомобилот „ауди пб-18“ е спортско купе на иднината

148
Внатрешноста на „ауди е-трон пб-18“ може да се промени од едносед во двосед, со простор доволен за две лица

Прекрасниот концепт на „ауди пб 18 е-трон“, кој го имаше своето деби во Неделата на автомобили во Монтереј во 2018 година, сега доби зелено светло за да се појави на производствената линија. Главниот извршен директор на „Ауди глобал“, Брам Шот, во интервју за „Аутовик Нетерладс“, изјави дека електричниот суперавтомобил треба да се појави некаде во наредните една-две години, но само 50 примероци ќе го направат својот пат до производство.

„Е-трон“ е серија на електрични и хибридни концептни автомобили прикажани од „Ауди“ од 2009 година досега. Ауди е-трон „пб 18“ е фасцинантна машина, која поседува елементи на тркачки автомобил. Дизајнерите на „пб 18“ му го имаат дадено прекарот „левел зиро“, бидејќи, и покрај тоа што има напредна технологија во него, возачот сепак има целосна контрола над возилото. За разлика од другите електрични возила со напредна технологија, овој автомобил не поседува можност за автономно возење.

Иако не се познати сите детали за производствената верзија, за јавноста се објавени голем дел спецификации. „Ауди пб 18“ поседува три електрични мотори што го напојуваат „е-трон пб18“, произведувајќи вкупно 671 коњска сила, а има и опција за 764 коњски сили. При претставувањето, „пб 18“ беше прикажан како автомобил што може да достигне100 километри на час за околу две секунди. Автомобилските експерти се надеваат дека импресивните перформанси што беа прикажани ќе се пренесат и до производствената верзија на автомобилот.

Во однос на опсегот до кој може да се движи автомобилот, од „Ауди“ велат дека „пб-18“ поседува батерија во цврста состојба, со капацитет од 95 киловат-часа. Иако оваа технологија сѐ уште не е доразвиена, „пб 18“ ќе има опсег од 500 километри на движење. Батериите што ќе бидат вградени во автомобилот ќе поседуваат систем за полнење од 800 волти. Батеријата, наводно, ќе може целосно да се наполни само за 15 минути, со можност за безжично полнење.

Доколку се погледне „пб 18“ од предниот дел, изгледа како купе со радикална визија за спортски автомобил со високи перформанси. Сепак, доколку се загледа убаво од профилот или задниот дел, се открива дека возилото е всушност хечбек со три врати.
„Ауди пб 18“ поседува традиционална архитектура на спортски мотор, со кабина што е поставена далеку напред. Тежиштето на автомобилот се наоѓа зад седиштата и пред задната оска – што оди во корист на динамиката на возење. Мешавината на алуминиум, јаглеродни и мултиматеријални композити овозможува телото на „пб 18“ да има ниска основна тежина. Лед-светлата што се простираат по целиот заден дел го прават автомобилот „пб 18“ со интересен и несекојдневен дизајн. Широкиот и низок електричен автомобил видливо е инспириран од тркачките патеки, а неговото присуство сигнализира дека е предодредено да ги тестира границите. Една од повпечатливите карактеристики на автомобилот е неговиот управувач. Управувачот во автомобилот се наоѓа централно, како во „мекларен Ф1“. Но, за разлика од него, „пб 18“ има менлива позиција, може да се поместува налево или надесно. Не е сигурно дали оваа опција ќе се пренесе во производствената серија, но сепак овој детаљ претставува модерен концепт, кој ја привлекува публиката за автомобилот „пб-18“.