Судир со реалноста

1698

Драган ЈАЊАТОВ

Мора да се признае дека во дел од елитните политички кругови на Запад, но и во самата Русија, имаше многумина што мислеа дека треба да се смета на „руската реалност“ и оти овие избори во Русија „нема ништо значајно и сензационално да донесат“, што впрочем и се случи. Наместо да падне „путинизмот“ доби некоја нова сила и стана фактор на збивање на редовите во руското општество. За да се сфати и разбере тој политички руски феномен потребно е да се погледне назад, но и да се има волја и доблест да се прифати и прими оваа руска реалност

По мартовските претседателски избори во Руската Федерација, на кои новоизбраниот постоен претседател Владимир Путин уверливо го верификуваше својот четврти мандат во Кремљ, западниот политички естаблишмент остана разочаран, бидејќи во своите предизборни калкулации сепак имаа некоја скриена надеж дека можеби Путин нема да доживее пораз на овие избори, но дека зад овој негов мандат руските граѓани нема да застанат во толкав број и со таков ентузијазам како што тоа го правеа и го поддржуваа во претходните три гласања. Имаше и такви западни предизборни предвидувања, кои ја допуштаа можноста дека на овие избори Путин ќе доживее политички фијаско и драстичен пад на поддршката на рускиот електорат, што ќе го отвори патот за некаква можна идна руска „шарена револуција“, која ненасилно ќе го симне Путин од власт и со тоа ќе бидат „решени сите прашања и проблеми“ што ги обременуваат односите на Русија со Западот и САД во последно време.

Меѓутоа мора да се признае дека во дел од елитните политички кругови на Запад, но и во самата Русија, имаше многумина што мислеа дека треба да се смета на „руската реалност“ и оти овие избори во Русија „нема ништо значајно и сензационално да донесат“, што впрочем и се случи. Наместо да падне „путинизмот“ доби некоја нова сила и стана фактор на збивање на редовите во руското општество. За да се сфати и разбере тој политички руски феномен потребно е да се погледне назад, но и да се има волја и доблест да се прифати и прими оваа руска реалност, која уште пред стотина години познатиот руски писател Грибоедов ја дефинира со зборовите: „При сет ум Русија не можеш да ја разбереш“. За време на првиот свој мандат од 2000 до 2004 година може да се каже дека Путин претседателуваше во речиси вонредни околности, претставувајќи ѝ ја на руската јавност тезата дека токму тој е човекот што треба да ја поведе Русија и да ја спаси на патот до катастрофата. Вториот негов мандат 2004-2008 година се карактеризира со исполнување на задачата да се зачува и унапреди она што остана по настаните од 90-тите години на минатиот век, по распадот на Советскиот Сојуз и „перестројката“ на Горбачов. Акцентот во овој мандат Путин, во тандем со Медведев, го стави врз модернизацијата и реформите во руското општество и пред сѐ во руската економија. Тој во ефикасната реализација на предвидената антикризна програма бараше спас од опасноста од рецесија. Но затоа третиот, за многумина контроверзен мандат, Владимир Владимирович го започна претставувајќи ѝ ја на руската, но најмногу на светската и меѓународната јавност, концепцијата според која Русија треба да го заземе своето лидерско место меѓу земјите од азискиот континент. За да го оствари тоа Путин го искористи создавањето на Евросојузот, кој рака на срце никогаш не профункционира онака како што очекуваа и Русија и Путин.

Потоа се надоврзаа и несреќните настани во Украина што сите концепции за некакво враќање на голема врата на Русија на меѓународната политичка и особено воена сцена, паднаа во вода. Тоа придонесе најголем број западноевропски земји-членки на ЕУ и се разбира САД да се здружат контра Русија и особено контра Путин и неговите светски лидерски амбиции. Затоа, пак, предизборната кампања за својот четврти претседателски мандат Владимир Путин ја започна со паролата „Силен претседател – силна Русија“, тоа уште во самиот почеток ги разоружи неговите противкандидати на изборите, кои сфатија дека на овие избори немаат изгледни и реални шанси за победа. Така и се случи. Таквото јавно признавање на поразот уште пред изборите на сите други лево или десно позиционирани противкандидати на Путин им донесе целосен крах на изборите. Разликата во добиените гласови и во големите градови како Москва и Санкт Петербург, кои традиционално не се расположени „пропутиновски“, овој пат беше голема во полза на Путин.

По доживеаното разочарување по убедливата победа на Путин и масовниот одзив на руските граѓани на овие избори, најнапред во САД, а потоа и во земјите на Западна Европа, се поттикнаа лавината обвинувања за „лажирани и нерегуларни избори“ во РФ, теза што како што гледаме во својата статија, не ја прескокнува ниту уважената Нина Хрушчова. Тоа само долева масло на и онака разгорената антируска кампања на Запад, ги засилува санкциите против Русија и ѝ дава поттик на новата студена војна меѓу САД и Запад од едната и Русија од друга страна. Светот повторно се најде поларизиран пред нова трка во вооружување, на работ од воена и нова, уште поголема од претходната нуклеарна опасност. Постојат неподелени мислења дека оваа криза колку и да трае, ќе се одрази и ќе остави печат врз руско-американските односи на мошне долг период, дури и во идната постпутиновска Русија. За долго време и по неговото присилно или природно заминување од руската политичка сцена, ниту еден руски лидер нема да се реши во политиката што ќе ја спроведува да ги занемари или стави во втор план „руските национални интереси“ во односите со Запад и особено во руско-американските односи. Таквото политичко кредо долго време, како „дух на путинизмот“ ќе царува над Кремљ и ќе ја држи на штрек цела Русија, a преостанатиот свет ќе биде во морничава неизвесност.