Српските Албанци бараат министерски места

381

Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓе ќе побараат од косовското раководство, односно од Хашим Тачи и Рамуш Харадинај да бидат застапници на нивните интереси во Брисел. Освен ова, за албанското малцинство во Србија се бара исто тоа што Србија го бара за српското малцинство во Косово и Метохија. Во текот на овој викенд Албанците од југот на Србија своите барања ќе ги преточат во декларација, на заедничка седница на трите општини.
– Како што Србија преговара за северот на Косово, сакаме косовското раководство да преговара за нашите интереси. Не сме задоволни како малцинство. Не е добро на наша сметка да се рефлектираат несогласувањата меѓу Белград и Приштина – вели за „Блиц“ народниот пратеник Фатмир Хасани, кој е еден од иницијаторите на оваа декларација.

На нивната листа на барања е и она за албанското малцинство во Србија да добијат високи позиции во српската влада, слично како што е позицијата на косовските Срби. Тие во Косово раководат со три министерства, имаат заменик-премиер и пет заменик-министри. Албанците во Србија се жалат и на тоа што Националното тело за Прешево, Бујановац и Медвеѓе што ги застапува интересите на албанското малцинство добива малку пари. Згора на ова, тоа тело не го раководи Албанец и во него има повеќе Срби отколку припадници на албанската заедница.

Претседателот на Координациското тело за Прешево, Бујановац и Медвеѓе, Зоран Станковиќ, вели дека ова не е првпат Албанците од југот да се обидуваат да донесат декларација во која ќе се наведат овие барања.
– Меѓународната заедница неколкупати јасно им порача дека тие не се предмет на разговорите во Брисел. Се чини дека е недоследно однесувањето на Хасани, кој е пратеник во Собранието на Србија и кој ги има сите права да поднесува иницијативи и законски предлози, но не го прави тоа – вели Станковиќ.
Со разговорите меѓу Приштина и Белград, кои се под покровителство на ЕУ, се решаваат некои други прашања. Според Станковиќ, сите други прашања што се однесуваат на албанското, како и на сите други малцинства, се решени со Уставот на Србија, законите и конвенциите за националните малцинства.