СПЦ со непроменет став за Косово

313

Ставот на Српската православна црква за Косово ќе биде формулиран и објавен како посебен акт на Светиот архијерејски собор, а црковниот врв во овој документ ќе го повтори цврстото определување за политиката на непризнавање на независноста, како и за каква било поделба, пишува „Вечерњи новости“.

– Соборот за ова прашање и на последната негова седница беше едногласен. Ставот е да продолжи дијалогот со што би се подобриле правата на Србите и на СПЦ на Косово – изјави неименуван извор од Патријаршијата на СПЦ.
Некои од медиумите во Србија по посетата на претседателот Александар Вучиќ на СПЦ пишуваа дека поглаварот Иринеј и повеќето владици застанале зад идејата за разграничување меѓу Србите и Албанците.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека намерата да ја посети Патријаршијата на СПЦ не е за да бара поддршка за неговата политика.
– Има една група владици што имаат поинакви ставови. Се насмеав зашто некои од нив не ја ни прочитале Резолуцијата 1244 од Советот за безбедност во ОН, ни Бриселскиот договор – изјави Вучиќ.


Запален автомобилот на српски министер

Автомобил марка „пасат Б7“ со косовски регистарски таблички, сопственост на заменик-министерот за труд и социјала во Владата на Косово, Милош Перовиќ, кој е наедно и висок функционер на Српската напредна партија (СНС) на претседателот на Србија Александар Вучиќ, е запален прексиноќа по полноќ во центарот на Зубин Поток, во Северно Косово.

Локални извори на агенцијата „Косова прес“ велат дека автомобилот е запален намерно од едно или од повеќе лица. Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, информира дека полициска екипа веднаш излегла на местото на настанот и работи на расветлување на случајот.
Жители на Зубин Поток за приштинската агенција изјавија дека инцидентот не е поврзан со локалните избори што в недела ќе се одржат во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово. Според нив, најверојатно станува збор за израз на револт поради резултатите на конкурс за вработување во општината, при што пред една недела на работа беа примени 45 лица.