Спикерот Џафери сака ефикасна контрола врз државното ќесе

151

Без ефикасна контрола на парламентот врз буџетот – државното ќесе, не можеме да зборуваме за вистинска парламентарна демократија, односно за контрола врз извршната власт. Ако таа отсуствува, извршната власт станува моќна и се отуѓува што создава поволни услови за ширење на корупцијата. Ова го истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, на отворањето на интерпарламентарната конференција на темата „Моќта на ќесето: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент“, која вчера почна во Собранието.

Џафери истакна дека во Република Македонија, гледано од нормативен аспект, состојбата можеби и не е толку лоша, но изрази дилема за тоа колку Собранието ги користи расположливите механизми.

– Постојат повеќе механизми и форми за тоа, како што е улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето и ребалансот на буџетот, разгледување и донесување на завршната сметка на буџетот, институтот пратенички прашања, разгледување на годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, сѐ до можноста за надзорни расправи. Останува отворено прашањето колку, како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола како на прибирањето, така и на трошењето на парите на граѓаните – рече тој.

Европратеникот и член на Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент, Игор Шолтес, во своето излагање посочи на новата Стратегија на ЕУ за проширување и јасно изразената европерспектива за земјите од Западен Балкан и подготвеност на ЕУ заедно да го изодат тој пат. Тој потсети дека од 2007 до 2017 година ЕУ за претпристапна помош на регионот инвестираше над девет милијарди евра, а за оваа година се предвидени повеќе од една милијарда евра за ИПА, кој ќе биде уште поприспособен на потребите на земјите.

– Оваа стратегија ќе бара зголемено финансирање, но и поголема буџетска контрола за да се надгледува како, каде и за што се трошат овие средства. Не е важно само да се добијат грантот и парите за земјите, туку и да се следи патот на овие пари за да се најде сигналот на каков било ризик за корупција, кој можеби постои или какви било неправилности. Националните парламенти играат мошне важна улога во ова, почнувајќи од комисиите за буџет, но и за контрола на буџет – рече европратеникот Шолтес.

На интерпарламентарната конференција на темата „Моќта на ќесето: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент“, чиј домаќин е македонскиот парламент, учествуваат пратеници од парламентите на земјите од Западен Балкан и европратеници, кои треба да се запознаат со процедурите и овластувањата при контролата на буџетот на ЕУ. П.Р.