Со секој загубен работник губат и општеството и компанијата и државата

442

Македонското здружение за заштита при работа алармира дека дури еден човек неделно умира на своето работно место во Македонија. Податоците говорат дека најмногу повредени работници има во секторите индустрија и рударство, како и во градежништвото, а најголем дел повреди се случиле на работни места во компании во Скопје

Зачестија написите за повредени работници на работното место, поради што сѐ повеќе се зголемува и загриженоста кај граѓаните. Официјалните статистички податоци велат дека само во текот на 2018 година на работното место се повредиле дури 846 работници. Сепак, здруженијата за заштита на работниците при работа велат дека, според нивната евиденција, има многу повеќе повреди на работните места, но нив особено ги загрижува бројот на смртните случаи. Македонското здружение за заштита при работа алармира дека дури еден човек неделно умира на своето работно место во Македонија.

Овој податок е навистина застрашувачки и сериозно укажува дека се неопходни поригорозни мерки и од државата, и од институциите и од инспекторите што се одредени да се грижат за заштитата на работниците на нивните работни места, но и од синдикалните здруженија, а најважно од самите работници.
Податоците говорат дека најмногу повредени работници има во секторите индустрија и рударство, а доста високо котираат и повредените работници во градежништвото. Исто така, бројките укажуваат дека во 58 отсто од случаите се повредени мажи, а најголем дел повреди се случиле на работни места во компании во Скопје. Главниот град на земјава станува најнебезбеден за работниците.

За жал, кога станува збор за безбедноста на работниците во Македонија, и покрај тоа што законската рамка е донесена уште во 2007 година, на терен, според податоците за бројот на повредени работници, укажува дека таа не се почитува доволно. Надлежните за тоа ги обвинуваат работодавците, но и работниците, кои поради големата невработеност прифаќаат да работат во секакви услови, наместо да инсистираат на поголема заштита на работните места.
Законската регулатива го обврзува работодавецот на вработените да им обезбеди мерки за заштита на нивната безбедност и здравје, без разлика дали тие работат во затворена просторија или, пак, на отворено. Но работодавецот треба да е свесен дека доколку работниците немаат нормални услови за работа, тоа ќе влијае врз нивната продуктивност.
Неопходно е исто така да се издигне и свеста на работниците и тие сами да се борат за своите права, да бараат да им се почитуваат пропишаните услови за безбедност на работното место.

Но бидејќи ова не е доволно, веројатно е време и да се зголемат казните, особено за работодавците што не им овозможуваат безбедни услови за работа.
Работодавецот има обврска да се грижи за безбедноста и здравјето при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, тој мора да презема мерки потребни за безбедноста и здравјето при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства.
Но во случаите кога несоодветните услови директно го загрозуваат и го нарушуваат здравјето на работниците, поради непреземање доволно безбедносни мерки, Државниот инспекторат за труд во согласност со своите надлежности треба да преземе соодветни инспекциски мерки и да иницира кривични постапки против работодавците.
Досегашното искуство покажало дека се најопасни работните задачи на височина, потоа оние што носат опасност од затрупување, или пак работа на подвижни делови, потоа работа на отворено при неповолни атмосферски влијанија. Исто така небезбедни се и работни места на влажни и лизгави површини, рачно пренесување товар, работа со опрема под напон, при управување со разни машини…

Но работниците секогаш мора да имаат на ум дека исто така дел од причините за да се случат несреќите на работните места е и неприменување на правилата и процедурите на работа, како и непочитување на пропишаниот процес на извршување на работата. Исто така до несреќи на работното место доаѓа и поради некористење заштитна опрема, или нејзино непрописно користење, но и недоволна обученост на работниците, како и невнимание и недоволна концентрација при извршување на работните задачи.
Сепак, покрај споменатото, мора да се има на ум дека состојбите со безбедноста на работното место не се решаваат само со законски одредби, туку неопходен е и ангажман на стручни лица за процена на ризикот, за да може да се овозможи соодветна заштита. Законот е договор каде што трите страни седнале и се договориле, односно двете страни се договориле, а државата посведочила и се обврзала дека ќе го спроведува во име на договорените страни.
Реалноста сигнализира дека во нашата држава, и покрај законските одредби, бројот на несреќи при работа е голем. Поради ова станува јасно дека сите инволвирани страни не се доволно ангажирани да им бидат обезбедени соодветни услови за работа на работниците.

На крајот на денот, најважно е работниците да стигнат дома живи и во добра здравствена состојба. Само на тој начин тие ќе можат и следниот ден да продолжат со работа, но и да обезбедат поголема заработка за себе, за семејствата, но и за работодавецот.
Во овој поврзан синџир, неопходно е сите да се грижат за безбедноста, а работниците доколку се чувствуваат небезбедно, да се повлечат од работната задача и да бараат спроведување на сите услови за нејзино безбедно исполнување. Само така ќе имаме и здрави и продуктивни работници.

[email protected]