Со креативни декорации внесете ја есента во вашиот дом

234

Ако едвај ја чекавте есента и им се радувате на топлите џемпери, чајот, топлото какао со книга во рацете под ќебе и на убавите пејзажи, тогаш сигурно сакате да внесете есенска атмосфера во домот.

Постојат многу начини како да ја внесете есента во вашиот дом, наједноставно ќе го сторите тоа ако домот го декорирате со свеќи во бои и мирис на оваа сезона, како и со многу жолтеникави лисја и декоративни елементи во боите на есента.
Некои декорации можете да ги купите, но секако дека е позабавно ако можете сами да ги направите.

Домот е местото каде што секој од нас се чувствува опуштено, пријатно и спокојно. Тоа е нашата мала оаза на мирот каде што секој ден по работа, училиште или факултет наоѓаме мир и одмор, и место каде што наоѓаме утеха кога сме тажни и депресивни.

Но за да ни биде секогаш пријатно и да изгледа совршено, нашиот дом треба да биде убаво украсен и уреден. Најчесто за тоа треба и одредена сума од домашниот буџет, но за да ја доловиме есенската идила во нашиот дом ни требаат само малку фантазија и труд.

Само со една прошетка низ паркот можете да соберете сѐ што ви е потребно за да ја внесете есента да зачекори во вашиот дом. Соберете од испаднатите лисја во различни бои и форми, шишарки, желади, суви гранчиња со бобинки и сл.

Сувите лисја и сувите гранчињата можат да направат вистинско чудо кога е во прашање есенскиот изглед на вашиот дом. Лисјата во живописни бои можете да ги ставите во различни садови со вода, да ги украсите со шишарки и со желади и за еден миг имате единствен украс што зрачи со топлина во вашиот дом..

За правење есенска декорација можете да искористите некоја од старите тегли, кои ќе ги украсите со фолија или со хартија во боја, над нив ќе ставите бели или жолти тикви, неколку шишарки, две-три расцепени дрвца и ете симпатично решение, кое одлично ќе стои во некој од аглите во вашиот дом.
Две-три мали тиквички, аранжирани со жолтеникаво црвени листови и убава голема свеќа ќе направат совршена декорација за вашата маса. За комплетирање на впечатокот со оваа декорација на масата ставете кошница со јаболка и со јаткасти плодови.

Есенската топлина во домот можете да ја распостелете и на рамката од прозорецот, каде што покрај задолжителните тиквички, свеќи и свеќници, суви лисја и гранчиња можете да додадете и сува пченка и суво цвеќе.
Кој вели дека влезната врата се украсува само за божиќ и свадба? Есента е вистинскиот момент вашата влезна врата да ја закитите со необичен и убав венец од шарени лисја, шишарки и гранчиња, а декорацијата ќе ја комплетирате така што на тремот лево и десно од вратата ќе ставите неколку расцепени трупци и портокалови тикви.