На интересен и забавен начин стоматолошката ординација „Д-р Сашо Стоев“ од Охрид го одбележи 20 март, Светскиот ден на оралното здравје. Веќе традиционално, неколку години едноподруго, тимот доктори од оваа ординација, која е позната по своите активности за издигнување на свеста за грижата за оралното здравје кај децата, во соработка со училиштето „Јахја Кемал “- Струга организира едукативна работилница на која децата имаат можност да научат како правилно да се грижат за своите запчиња.

Годинава дечињата се натпреваруваа во квизови, преку кои го истакнуваа своето знаење за грижата за оралното здравје, изработуваа приказни-сложувалки во кои другаруваа со „Запчињата првачиња“, „Вљубените Смешко и Смешка “, „Послушното и непослушното запче“ и уште многу други ликови и приказни подготвени од тимот на оваа стоматолошката ординација специјално за овој ден. Нивната цел е да ја поттикнат детската имагинација, но истовремено на забавен интересен начин да ги развијат кај децата свеста и навиките за грижа за своето орално здравје. Секако, и годинава децата се забавуваа со Запко, познатата маскота на стоматолошката ординација „Д-р Сашо Стоев“.