Со децении немаме филм на „Венецискиот филмски фестивал“

189

Откако Милчо Манчевски го освои „златниот лав“ во 1994 година за „Пред дождот“ и подоцна, во 2001 година, кога неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот, не сме имале премиера на македонски филм на венециската „Мостра“. Понекоја копродукција во која учествува Македонија во изминативе години се провлекла во некоја од програмите, или понекое македонско име се појавило како учесник во некој од селектираните проекти и тоа е сѐ, очигледно за домашните филмови Венеција сѐ уште е далечна дестинација

На јубилејниот 75. „Филмски фестивал во Венеција“, кој се отвора на 29 август и ќе трае до 8 септември, Македонија нема свој претставник во некоја од редовните и придружните програми. Всушност тоа не се случило со децении, откако Милчо Манчевски го освои „златниот лав“ во 1994 година за „Пред дождот“ и подоцна, во 2001 година, кога неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот. Понекоја копродукција во која учествува Македонија во изминативе години се провлекла во некоја од програмите, или понекое македонско име се појавило како учесник во некој од селектираните проекти и тоа е сѐ, очигледно за домашните филмови Венеција сѐ уште е далечна дестинација.

Во 2016 година на 73. „Филмски фестивал во Венеција“, проектот во развој на Теона Митевска, „Господ постои – нејзиното име е Петрунија“, беше селектиран за реномираниот маркет „Геп фајненшл маркет“ на „Мостра“, каде што се претставуваат филмски проекти во развој од целиот свет.

Претходно во 2015 година на „Венецискиот филмски фестивал“ исто така имаше една македонска копродукција, „Банат“ – копродукција помеѓу Италија, Македонија, Романија и Бугарија, која се прикажа во компетитивната програма „Недела на критиката“. Филмот се снимаше во Битола и во околните села Рибарци и Буково, како и во околината на преспанското село Дупени. Македонски копродуцент на овој проект беше компанијата „КТ филм и медиа“. Тогаш, продуцентот на филмот од македонска страна, Димитар Николов, изјави дека е голема чест што македонска копродукција е селектирана на фестивалот во Венеција.

Милчо Манчевски го освои „златниот лав“ во 1994 година за „Пред дождот“

– Задоволството е уште поголемо ако се знае дека само неколку филма со македонски предзнак доживеале премиера на овој фестивал. И овој филм е доказ дека во Македонија има подготвеност за снимање квалитетни копродукции, кои добиваат признанија и од најважните филмски фестивали во светот – рече Николов.
Во екипата на филмот имаше голем број учесници од Македонија меѓу кои и директорот на фотографија Роберт Јанкуловски, Никола Матоски (менаџер на продукција) Саша Станишиќ – (асистент на режија)… „Банат“ беше првиот филм финансиски поддржан од Агенција за филм на Македонија, по новите правила на финансирање во 2015 година, во делот за малцински копродукции.

Во 2014 година хрватско-француско-српско-македонската копродукција „Такви се правилата“ на режисерот Огњен Свиличиќ ја имаше светската премиера на венециската „Мостра“, во програмата „Хоризонти“. Постпродукцијата на филмот на Свиличиќ се работеше во Македонија, монтажер е Атанас Георгиев, а македонски копродуцент е Светозар Ристовски. „Хоризонти“ е втора по важност натпреварувачка селекција по официјалната. Првичниот наслов на филмот беше „Мирни луѓе“. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Јасна Жалица, Мира Бањац, Љубомир Бандовиќ и други. Инаку, меѓународниот постер и целиот промотивен материјал ги изработи нашиот дизајнер Kоста Лазаревски.

Во 2012 година македонскиот актер Дејан Лилиќ ја играше главната улога во филмот „Предавство“, кој беше номиниран за „златниот лав“ во Венеција. Главната улога во рускиот филм „Предавство“, во режија на Кирил Сребреников, на Лилиќ беше значајна и за соработката меѓу Македонија и Руската Федерација и е една одлична можност за промоција на Македонија

– Не очекувам награди и со самото тоа што сме во официјална конкуренција на овој престижен фестивал ние имаме голем успех – рече тогаш Лилиќ.
Како претставник на Република Македонија, четири пати во жирито на федерацијата на филмската критика „Фипресци“ членувал филмскиот критичар и долгогодишен уметнички директор и селектор на главната компетиција на фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски.

Во 2012 година Манчевски беше член на жирито на 69-то издание на фестивалот

Дури и оние македонски филмови што аплицирале за учество на фестивалот не успеале во тоа, дури ни во годината 2004, кога имавме квалитетни кандидати, „Големата вода“ на режисерот Иво Трајков, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски и филмот чиј работен наслов беше „Години на надеж“ на Светозар Ристевски. Ниту еден од нив не стигна во Венеција. Остварувањето од кое најмногу очекуваше македонската културна јавност беше „Големата вода“ во продукција на „Кавал филм“. Тогаш продуцентите и режисерот во неколку наврати за македонските медиуми ја споменуваа Венеција како почетна точка во светската промоција на своето остварување.

Причината за поразувачките резултати од селекцијата продуцентите ја лоцираат во вообичаената поставеност на кабестите филмски случувања и лобирањето што е задолжителен дел од пробивањето и промоцијата на филмските дела.
– На фестивалите пристигнуваат илјадници филмови. Најголем дел од нив селекторите воопшто и не го гледаат. Без силно лоби и препораки, и добар филм може да помине сосема незабележано – рече во таа пригода Роберт Јазаџиски од „Кавал филм“.

Оттука најголем успех на овој фестивал од А-категорија, но и воопшто најголем филмски успех за Македонија, е „златниот лав“ што во 1994 година го доби Милчо Манчевски за „Пред дождот“. Потоа неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот во 2001 година. На „Мостра“ подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“ насловена така според мотото на филмот „Пред дождот“
Во 2012 година Манчевски беше член на жирито на 69-то издание на фестивалот. Тој во Венеција се врати осумнаесет години по победата со „златниот лав“ за најдобар филм за „Пред дождот“ и 11 години откако со неговиот филм „Прашина“ беше отворен „Венецискиот фестивал“.

На 69-то издание на најстариот и најпрестижен филмски фестивал на светот Манчевски беше во жирито на секцијата „Хоризонти“, која заедно со „Венеција 69“ се двете секции на официјалната селекција на фестивалот во кои се доделуваат награди.
– Голема чест е да се оценуваат филмови на фестивалот што има најдобра селекција на светот, а патем, ќе се дружам и со многу фини луѓе – рече тогаш Манчевски.

За разлика од етаблираната секција „Венеција 69“, која го доделува и престижниот „златниот лав“, „Хоризонти“ е од понов датум и фестивалот ја претставува како: селекција на филмови што ги претставуваат најновите трендови и компоненти на современиот филм и во неа учествуваат деби-изданија и независни филмови, кои се спротивставуваат на жанровските филмови и тенденции, а за да откриваат и демонстрираат креативна оригиналност.
Интересен податок е дека таа година како директор на Венеција повторно се врати Алберто Барбера, кој во 2001 година го избра токму „Прашина“ на Манчевски да го отвори фестивалот.

По триумфот во Венеција во 1994 година со дебитантскиот филм „Пред дождот“, кога покрај „златниот лав“ освои и уште десет други награди, Милчо Манчевски е особено ценет автор во Италија чии дела имаат влијание и на популарната и на официјалната култура. Неговите филмови се дел од школската лектира, едно вино е наречено „пред дождот“, а исто така се вика и еден ресторан во Болоња, а, пак, модната куќа за висока мода „Черути“ имаше и колекција за мажи инспирирана од костимите во „Прашина“.

Во чест на 70-то јубилејно издание на „Венецискиот фестивал“, директорот на фестивалот Алберто Барбера упати ексклузивна покана до режисерите што влегле во историјата на фестивалот и во светската кинематографска историја, вклучувајќи го и Манчевски, да изработат кратки филмови на темата „Иднината на кинематографијата“. Филмовите беа прикажани во специјалната селекција „Венеција 70 – фјучр рилоудед“. Манчевски учествуваше со краткиот филм под наслов „Четврток“, снимен по специјална покана на фестивалот. Во специјалната селекција „Иднината на кинематографијата“ учествуваа најславните имиња на светската кинематографија: Бернардо Бертолучи, Ким Ки-Дук, Пол Шредер, Абас Киаростами, Валтер Салјес, Монте Хелман, Катарин Бреја, Клер Дени, Атом Егојан, Џејмс Франко, Ермано Олми, Амос Гитај, Жан-Мари Штрауб, Тод Солонц…


Кустурица најуспешен во регионот на „Мостра“

На репертоарот на годинашниот „Венециски фестивал“ ќе се најдат долгонајавуваниот филм на Демијан Шазел, „Првиот човек“ за Нил Армстронг, како и низа нови остварувања, меѓу кои и документарецот на Емир Кустурица „Ел Пепе, уна вида супрема“ за уругвајскиот лидер Пепе Мухика, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција.
Во трката за „златниот лав“, се и новите филмови на Оливер Асај, Жак Одијар, а изненадување е новиот филм на браќата Коен. Посебно внимание привлекува новото остварување на Алфонс Кварон, „Рим“, како и филмот на грчкиот синеаст Јоргос Латимос, „Фаворит“. Во трката за главните награди се и филмовите „Петерло“ на Мајк Ли и „Сансет“ на Ласло Немеш.
Инаку познато е дека Кустурица најави дека повеќе нема да учествува во трка за наградите, но дека ќе настојува неговите филмови да се прикажуваат премиерно на големите фестивали. Кустурица на „Венецискиот филмски фестивал“ добил „златен лав“ за „Се сеќаваш ли Доли Бел“, награда за дебитантски филм, наградата за режија за „Црна мачка, бел мачор“, а за „На млечниот пат“ беше награден со „млад златен лав“.
Со жирито годинава ќе претседава Гиљермо дел Торо.