Социјалните политики мора да почнат од дома

190

Политичката економија досега постигна огромен напредок. Многу политички фигури и институции што одамна го прифатија неолиберализмот, сега сè повеќе ги препознаваат недостатоците на пазарите и признаваат дека државите можеби ќе треба да играат улога во подобрување на социоекономските услови. Дури и ММФ сега дискутира за „макрокритичноста“ на социјалната заштита, потребата за прогресивни даноци и универзални трансфери.

Но дебатата, која речиси исклучиво се фокусира на координација меѓу државата и пазарот, е премногу ограничена за да понуди ефикасни решенија. Така, како што покажува најновиот извештај на Организацијата за родова еднаквост на ООН, општествените фактори, особено улогата на семејството и родовата еднаквост, исто така мора да бидат вклучени како фактори.

Овие два фактора се нераскинливи, со тоа што родовата нееднаквост е толку поттикната од семејната динамика што не е случај ни кај расната нееднаквост. Проблемот постои во фактот што застарените идеи за семејството и родовата динамика продолжуваат да влијаат врз донесувањето социјални и економски одлуки.

Актуелната состојба покажува дека само една третина од сите домаќинства ја практикуваат „идеалната“ семејна структура (двајца родители со деца) на која обично се базираат политиките. Од двете третини што опфаќаат друга форма на заедница, огромен удел зазема поширокото семејство, кое го сочинуваат најблиските роднини или бабите и дедовците. Околу една четвртина од сите домаќинства се самохрани родители или самци. Иако бракот практично сè уште е општоприфатен во некои делови од светот, сепак во преостанатите делови станува поретка појава, па, така, долгогодишните партнери честопати одлучуваат прво да живеат заедно пред или наместо да стапат во брак. Во некои држави во Латинска Америка, Јужна Африка и Европа дури до три четвртини од жените, кои се на возраст од 25 до 29 години и се во врска, живеат со своите партнери.

Сето ова има огромно влијание врз политиките. Со оглед на нивниот подолг животен век, жените над 60 години имаат двојно поголеми шанси од нивните машки врсници да живеат сами со мала пензија или со мала заштеда.
Исто така, домаќинствата на самохраните родители, од кои над три четвртини се на самохрани мајки, имаат речиси двојно повеќе шанси да живеат во сиромаштија за разлика од домаќинствата со двајца родители. Самохраните родители често имаат тешкотии да ги издржат сите животни трошоци. Но дури и во домаќинствата на двајца родители и оние што имаат повисоки приходи, жените се соочуваат со значајни предизвици да ја одржуваат рамнотежата од обврските на работа и неплатената работа дома. На светско ниво, жените изведуваат над 76 отсто неплатена работа, што во просек е трипати повеќе од мажите.

Поради ова, жените се особено ограничени да остварат независни приходи.
На пазарот на трудот фигурира само една половина од жените на возраст од 25 до 54 години, кои се во брак или живеат во заедница, во споредба речиси со сите партнери што се во брак или живеат во заедница. Имањето деца во семејството ги намалува шансите за вработување на жените, додека, од друга страна, им ги зголемува на мажите.

Независните приходи им ја зајакнуваат моќта на избор на жените, им овозможуваат да излезат од насилни врски и да имаат одредена сигурност во староста. Покрај тоа, уделот на жените што имаат независни приходи е обратнопропорционален од уделот на сиромашните домаќинства. Како што изјави данскиот социолог Јоста Еспинг-Андерсен, најефикасен лек против сиромаштијата е вработувањето на мајките.
За да се унапреди економската независност на жените, приоритет мора да им се даде на инвестициите во социјалните системи, како што се раното детско образование и грижата. Ова е особено критично во државите во развој каде што е најголема разликата меѓу понудата на услуги за детска грижа и потребата за неа, што се должи на релативно малата работна сила во оваа сфера.

Покрај тоа што им се овозможува на жените да ги остваруваат своите економски можности, квалитетната и достапната детска грижа го поттикнува отворањето нови работни места (во рамките на самиот сектор за детска грижа) и градењето човечки капитал (особено меѓу децата што имаат корист од него). Ако се земе предвид ова, како и временските обврски што платената работа ги наложува за сите, таквите инвестиции се потребни дури и ако неплатената работа подобро се распредели во рамките на домаќинството.
Втор приоритет мора да биде обезбедувањето сеопфатна социјална заштита, вклучувајќи платено отсуство, кое им овозможува на родителите да се грижат за децата без да бидат исклучени од пазарот на трудот и да добиваат парична помош. Семејните поволности, како што е детската нега, го ублажуваат зголемениот ризик од сиромаштија што го носи растењето на децата. Самохраните родители треба да добиваат дополнителна помош.

Во меѓувреме, со универзални пензии ќе можат да се издржуваат жените што имаат помали заштеди и капитал од мажите, но дочекуваат подлабока старост. Воведувањето достапни долгорочни услуги за нега и реформи на законите за имот стекнат во брак може исто така да биде од помош.
За да се заштити правото на жената за заеднички капитал, социјални поволности и старателство над децата, законите за семејство и социјалните политики мора да ја опфатат вонбрачната заедница како легитимна покрај бракот.
Со изработка на пакет-мерки базирани на потребите на современите семејства, политичките лидери мора да ги промовираат правата на жените, развојот на децата и вработувањето. Од ваквите политики ќе има придобивки економската динамика, а ќе се намали сиромаштијата.

(Авторката е шефица на одделот за истражување и информации во програмата за напредок на жените во светот во организацијата за родова еднаквост на ООН)