Социјалдемократијата во потрага по сопствениот идентитет

1353

Политичкиот систем на Р. Македонија е соочен со проблемот на (не)функционирањето на политичките партии. Причините за тоа се во недоволната програмска профилираност или поточно речено отсуство на политичка програма и второ, слабиот капацитет на раководните структури на политичките партии. Денес на политичката сцена дејствуваат партии што имаат само „главни штабови“, кои повеќе години цврсто ги држат позициите на владеење било да се наоѓаат на власт или во опозиција.
Ваквите состојби се сосема разбирливи ако се има предвид дека една од битните функции на политичките партии е борба за власт – да се стекне и задржи власта дури и по цена да се отстапи од сопствените, барем јавно декларирани, програмски определби особено во периодот на изборите. „Ниту еден сериозен политичар значи нема повеќе интерес да има проект кога му е доволно да има некоја функција.

Партиите од десницата како и оние од левицата, повеќе немаат причина да покажуваат дека имаат доктрина, не прават дури ни анализа на состојбите, а уште помалку покажуваат некаква етика, кога им е доволно пред изборите само да исфрлат некоја парола и да изберат фотогеничен и убедувачки шеф“. (Жак Атали)
Сама по себе ваквата политичка состојба значи вулгаризација на политиката и политичките процеси и редукција на сфаќањата на граѓанската демократија според која политичките партии треба да изразат три главни функции: изборна; функција на контрола и ориентација на органите во политичкиот систем и функција на изразување на политички програми, кои ги чинат различни од другите партии.

Оттаму и честите неприродни коалиции што ни се случуваа во изминатиот период на повеќе партиски политички систем или, пак, изјави дека во политиката сѐ е можно и дозволено или, пак, за „бракови“ од интерес. Станува збор за гледања и однесувања на една специфична категорија политички „менаџери“ карактеристична особено за општества со ниско ниво на демократски вредности и политичка одговорност.
Сепак, за сериозна политичка анализа внимание заслужуваат сфаќањата, особено кај големите политичките партии што не ја прифаќаат социјалната структурираност на современиот свет, независно од сите промени што се случуваат во постиндустриското и информатичкото општество. Според нив, политичките партии не треба да се лоцираат само во одреден општествен слој, а уште помалку да изразуваат определени социјални или класни интереси туку и пред сѐ треба да се изразуваат како интеркласни структури. Тоа е највидливо кај социјалдемократските партии каде што процесот на нивната интеграција во капиталистичкиот систем трае веќе скоро еден век. Ова е особено значајно за периодот по 50-тите години на минатиот век кога доаѓа до одрекнување на работничкиот карактер на социјалдемократските партии и прифаќање на концептот на партии на сите општествени слоеви. Разликите помеѓу социјалдемокртаските и другите граѓански партии сѐ повеќе исчезнуваа и тие станаа тешко препознатливи во однос на другите партии.

Во осумдесеттите години на минатиот век, со програмата од Годесберг, германската социјалдемократија ги дефинира новите програмски приоритети и тоа: „приврзаност кон демократијата како вредност по себе; приврзаност кон Уставот; приврзаност кон слободата, правдата и солидарноста како фундаментални вредности на демократскиот социјализам; демократскиот социјализам како етички социјализам; приврзаноста на идејата за отвореноста на партијата; приврзаност кон пазарот како незаменлив инструмент на стопанското насочување“.
Застанувајќи на ставот дека во економските процеси треба да има помалку држава, а повеќе општество, без да притоа го дефинира својот став за односот помеѓу трудот и капиталот, европската социјалдемократија широко ја отвори вратата на меѓународниот корпоративизам, на интересите на транснационалните корпорации, кои, пак, ја наметнаа глобализацијата како модел на владеење, која обезбедува највисоко ниво на концентрација на профитот.

Социјалдемократските партии, свесно или не, не ги препознаа процесите во кои нивните политичари прераснаа во естаблишмент што опстојува на изграден систем на привилегии наспроти основниот принцип на социјалдемократијата, принципот на еднаквост. Политичката структура на социјалдемократијата се повеќе добиваше белези што се карактеристични на апарат, бирократија, номенклатура, елита што „живее од политиката“ (Макс Вебер) и која политиката ја претвори во занает.
Социјалдемократијата замижа пред процесите што парламентарната демократија ја трансформираа во партократија, во партиска машина што сама по себе е самодоволна.
Социјалдемократијата не ги препозна тенденциите со кои изборниот систем прерасна во натпревар, кој на кое место е на пропорционалната листа на партијата, а не кој каква програма нуди, систем според кој пратеникот е непроменлив, а со тоа и неодговорен пред оние што го избираат, систем во кој поединечните интереси станаа поголема вредност од програмската матрица иманентна на социјалдемократијата, систем во кој е побитно кому си му верен отколку верноста на социјалдемократската програма. Не ги препозна состојбите со кои политиката стана најпрофитабилен бизнис како и состојбите со кои партиската номенклатура влезе во процес на саморепродукција.

Оттука и парадоксот, во услови на длабока економска, социјална но и вредносна криза, како состојба што сама по себе претставува предизвик за социјалдемократијата, да се губи довербата, социјалдемократијата да го доживува врвот на сопствената криза. Но тој предизвик на кризата, како феномен што предизвикува несигурност пред иднината, создава страв кај масите за сопствениот опстанок и ги тера кон десницата, остана непрепознатлив за социјалдемократијата. А можеби и не се работи за парадокс туку за индикатор на малигната симбиоза со шпекулативниот капитал, за епигонство и неолиберализам, како политички проект, со што социјалдемократијата го изгуби својот идентитет.

За социјалдемократијата остана непрепознатливо она што беше ноторно – што ќе му е на народот левицата ако таа е носител на политиката на десницата, односно ако десницата го реализира она што ѝ припаѓа на левицата.
Социјалдемократијата не понуди решенија на проблемите поради тоа што и самата стана дел од проблемите. „Поради сопствените одрекувања, предавства и откажувања од принципите, европската социјалдемократија оди кон сопственото погребување… И што е крајно неразбирливо, наведува И. Рамоне, таквата перспектива се случува кога ултралибералниот капитализам минува низ една од најлошите фази“. Оттука прашањето зошто социјалдемократијата умира кога ултралиберализмот е во длабока криза? Зошто социјалдемократијата не успеа да го искористи распадот на неолиберализмот,кој како морално така и во социјален па и еколошки поглед се наоѓа во слепа улица? Одговорот единствено може да се бара во фактот што таа се откажа од сопствените, основни идеи и што внатре во неа се вгнездија епигоните на неолиберализмот. Таа веќе не располага со програмски капацитети (општо избирачко право, бесплатно школување, право на работа, социјална и здравствена заштита, национализации како претпоставка за остварување социјалната рамнотежа, ја нема државата на благосостојбата како алиби и сл.), кои се доволно привлечни за милионите жртви на неолиберализмот, било тие да се наоѓаат во предградијата, на милионите невработени или, пак, се дел од распадната средна класа на која социјалдемократијата се потпираше.

Потрагата по идентитетот ќе биде тешка и болна, прашањето колку ќе биде успешна зависи од тоа колку раководните структури ќе опстојат во реализацијата на програмската определба живот за сите
На македонската политичка сцена СДСМ, по неколкуте изборни порази е во процес на катарза во потрага на својот идентитет, што не би можело да се каже за другите политички партии.

(Авторот е пензионер)