Сонот кај слатководните риби

539

Сомот е најзимогрижлив, шаранот се прекрива со дебел слој слуз, карашот се вовлекува во тиња

Едно од посложените прашања што ги мачело ихтиолозите било однесувањето на рибите во студените зимски денови. Зимувањето на шаранот е најдобро проучено, оти научниците имале можност да го посматраат во рибниците кои биле градени специјално за овој вид риба. Оптимална температура на водата за шаранот е над 24 степени, а кога во есен таа ќе почне да опаѓа, тој веќе бара место каде што ќе презими.
Притоа, шараните лежат еден до друг и со главите свртени кон дното. Но кога температурата на водата ќе се спушти до осум степени, крупните шарани престануваат да земаат храна, а со секое понатамошно заладување тие стануваат сѐ посмирени. Во текот на зимата, нивното дишење се забавува, а единственото движење им е треперењето на перките со кои ги снабдуваат шкргите со потребниот кислород, додека телото им го покрива дебел слој на слуз. И така им почнува зимскиот сон. За разлика од него, рибата караш се вовлекува во тињата.

Сомот е голем спијач. Не само што прв оди на зимување (некогаш и во почетокот на октомври), туку и последен се буди напролет (понекогаш и кон крајот на април). Во подводниот свет на овие риби постои одредена хиерархија, па така првото место во зимовникот го зазема најстариот сом, а потоа следуваат помладите.

Во зима, кога на мирните води се создава дебел мраз, на „заспаните“ риби им се заканува опасност од гушење, бидејќи во тињата и во калта се создаваат отровни гасови. Тогаш е најдобро да се направи отвор во мразот, но и добро да се внимава, оти е идеално место за рибокрадците, бидејќи тука се собира зашеметената риба желна за воздух.


Движење и престој во ловиште

Движењето и престојот во ловиштето треба да бидат такви што нема да ѝ штетат на природата. Ловџијата особено треба да обрне внимание
на своето движење, растојанието…

Почитувајќи го секој дивеч, ловџијата треба да се стреми кон хуманост во ловот, оти и таа е составен дел од ловството. Во текот на ловот, кога ловџијата се двоуми околу одлуката што треба да ја донесе, секогаш таа треба да биде во корист на дивите животни. Ловџијата во ловиштето треба да се движи на таков начин што нема да ги вознемирува дивите животни, блиску или подалеку од него. Движењето и престојот во ловиштето треба да бидат такви што нема да ѝ штетат на природата. Ловџијата особено треба да обрне внимание на своето движење, растојанието што треба да го одржува во однос на другите колеги, како и за правецот на пукањето.
Ловџијата кога ракува со своето ловечко оружје, мора да го прави тоа под целосна лична одговорност и во согласност со пропишаниот закон за користење ловната муниција и оружје, пред секој испукан куршум мора со целосна одговорност да пресуди за неговата оправданост и никогаш да не пука ако видикот не му е целосно чист или кога во близината има друг ловџија.
Во ловот, ловџијата е лично и морално одговорен за своите постапки, секогаш треба да оди на лов со исправно ловџиско оружје и притоа мора да биде целосно концентриран и трезен за активноста што ја врши. Во спротивно, ќе бидеме сведоци на непријатни информации што стигнуваат од ловиштата, каде што жртва е човек. Токму затоа сериозноста при ловот треба да биде на највисоко можно ниво.