Создавам мистична атмосфера што прилега на симболите во ликовниот јазик

137

Александра Ацеска, уметница

„Близнакот“ (Дидимус) е наслов на тематската изложба на уметницата Александра Ацеска, што ќе биде отворена вечерва од 20 часот, во ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова е втор самостоен проект на авторката, што е инспириран од дваесет и втората изрека во Житието по Тома. Проектот е продолжение на претходните истражувања на авторката.
– Ако во првиот проект, кој го заокружив со изложба насловена „Порта пинус“, темата на интерес беше границата помеѓу две спротивни состојби, во „Дидимус“ акцентот е токму на двете спротивни крајности на целината.

Оваа тема го привлече моето внимание поради дуалистичкиот светоглед како перспектива, кој е делумно оформен од влијанијата на поднебјето (идеологија, религија) и е делумно во природата на мојот карактер. Оттука и насловот на изложбата, Дидимус, што во превод значи Близнак – вели Ацеска.
Неа секогаш ја интересирале ситуации кога една тенденција е наспроти друга и кога тие пробуваат да се прошират и заменат.

– Дуализмот повеќе се појавува како индивидуална перцепција, отколку како реална состојба во природата. Од досегашното искуство, ние како човечки суштества сакаме да ги поедноставуваме работите (до крајност), за потоа да ги комплицираме и расчленуваме (до друга крајност), што е уште еден пример на дуалистички пристап. Во дваесет и втората изрека по Тома, која е и темел на истражувањето, се нагласува потребата да се надмине поделеноста во сетилата, во умот и во перцепцијата за она што го нарекуваме внатрешно наспроти надворешно, за потоа со појасна и поинаква димензија да го искусиме животот. На изложбата пробав да ја трансформирам галеријата и да „изложам“ атмосфера и целина. Во просторот посетителите се соочени со атмосфера која може да ја перцепираат со сите сетила – визуелно, аудитивно, преку мирис, вкус и допир – вели уметницата.

На изложбата се претставени објекти, инсталации, фотографии, суминагаши печати, цртежи, слика и аудиокомпозиција. Покрај ликовните дела, просторот го оформуваат и елементи како миризба, музика, светлина, кои го вовлекуваат посетителот во мистична атмосфера, каква што прилега на симболите искористени во ликовниот јазик.

Александра Ацеска дипломирала сликарство во класата на Благоја Маневски со модул графички дизајн во класата на Ладислав Цветковски на ФЛУ во Скопје. Нејзиното поле на интерес и истражување е на границата помеѓу видливото и невидливото, духовното и неговата манифестација во материјата и табуата на новото време (традиција, религија, фамилијарни и интерперсонални односи), а тоа го доловува со експериментирање со природни материјали и несекојдневни техники на творење. Добитничка е на неколку награди за млад уметник.