Совет на јавни обвинители – колку важно звучи тоа?!

684

Нивното внимание сега го задржува судбината на напуштената Кејти, или што со оној силен и добро платен правосудно-роднински персонал, кому бројот не му се знае?! Добро, за почеток секако ќе ги вдомиме, сепак се наши деца, „јас тебе, ти мене“ е мотото на оваа весела дружина

Најавена е уште една епизода од сапуницата „Јустиција и нејзините реформатори“. Имено, „угледните членови“ на уште поугледниот обвинителски совет, рутинирано и професионално ќе ја одиграат својата добро позната улога на кастински чувари и заштитници, се разбира сето тоа спакувано во пакетот „Во согласност со Уставот и законите“!

За десет дена се навршуваат три години од скандалот со фалсификуваните документи на конкурсот за обвинители при Академијата за судии и обвинители, документи поднесени од страна на кандидати за обвинители. Обвинителството и по три години не одговара колкумина од тие лица и понатаму работат како стручни соработници. И по три години, јавноста нема информации што се случи со меѓународната правна помош што Основното јавно обвинителство ја побара во рамките на предистражната постапка.

Оваа дилема не е предвидена во сценариото. Всушност, веројатно гледачите и веќе заборавиле дека воопшто и имало таква епизода. Нивното внимание сега го задржува судбината на напуштената Кејти, или што со оној силен и добро платен правосудно-роднински персонал, кому бројот не му се знае?! Добро, за почеток секако ќе ги вдомиме, сепак се наши деца, „јас тебе, ти мене“ е мотото на оваа весела дружина.
Се разбира, доколку нешто тргне наопаку, тука се секогаш расположените „лидери“ да се договорат што е најдобро за нас, а кога тие еднаш ќе се договорат, потоа сѐ е поинаку, за наша среќа и подобро.

Затоа, да седнеме удобно во кругот на најблиските, не мора со грицки, и така се лоши за здравјето на нацијата, и да проследиме уште една епизода од серијата „Јустиција и нејзините реформатори“ и не грижете се за Katy, имаме многу како неа!

Авторот е претседавач на НК на ГДУ