Совети за намалување на вишокот работи во домот

514

Чувањето непотребни предмети, кои „можеби некогаш ќе ти се најдат“, прави домот да ни е претрупан и неудобен. Кога ќе се ослободите од вишокот работи во домот, чувството е прекрасно. И не е случајно што светот е опседнат со тоа. Ослободувањето од непотребното има повеќе бенефиции.

Затоа ви предлагаме листа на совети со чија помош ќе внесете нов живот во домот, а во исто време ќе се доближите до покорисен начин на живеење. Сè што треба да направите е оние работи од кои ќе се ослободите, да завршат во рацете на луѓе на кои им се навистина потребни.

Донирањето на организации што се грижат за загрозена група граѓани или за бездомни животни е од голема помош, а на тој начин ќе го намалите количеството на ѓубре што може да го направите доколку само ги исфрлите.

Сите имаме навика да акумулираме предмети и садови повеќе одошто е потребно, особено кога се работи за шолји за чај или кафе. Проверете ги кујнските елементи и донирајте сè што ви е дупло или не го користите редовно.

Најчесто крпите за лице што не се доволно добри за гости, ги реискористуваме како крпи за чистење, но колку крпи ни се потребни? Пребарајте ги плакарите и извадете сè без што можете, а потоа донирајте ги на некоја од организациите за помош.

Проверете ја вашата конзервирана храна. Дали имате од нешто премногу, или на некоја конзерва рокот ѝ е пред истекување? Можеби сте направиле премногу тегли мармелад или сѐ уште имате од ланскиот ајвар. Во секој случај, доколку имате повеќе одошто има смисла, секогаш има некој кому навистина му требаат. Соберете го вишокот, ставете го во кутија и донирајте го во локална кујна, црква или хуманитарна организација.

Секогаш постои облека со која можеме да се збогуваме. Дали се работи за нешто што сѐ уште не сме го облекле од последното сезонско чистење на плакарите или надраснати детски алишта, извадете ги и распоредете ги по возраст и пол, убаво здиплете ги, спакувајте ги и однесете ги до најблискиот контејнер за стари алишта на „Црвен крст“. Исто така може и да ги донирате во друга добротворна организација. Не заборавајте ги и чевлите.

Користењето на електронските уреди е најдобро за околината кога ги користиме најдолго што може, но и нив, евентуално, мора да ги смениме. Прашањето е што да правиме со старите. Во Македонија има неколку компании што се занимаваат со откуп на електронски отпад, кои ќе ве ослободат од вишокот што ви се натрупал. Доколку, пак, имате функционален лаптоп или телефон, што веќе не ви треба, може и да го донирате на некоја локална хуманитарна организација.

Обично многу чувства нè врзуваат за нашите книги и навистина е многу тешко да се одлучиме да се ослободиме од нив, но ако веќе сте ја донеле одлуката, можеби најдобро ќе се чувствувате да ги донирате во локалната библиотека. И не заборавајте на детските книги. Нив ќе ги прифатат и во училиштата и градинките и верувајте дека во приказните во кои уживало вашето семејство сега ќе можат да уживаат уште стотици други деца.