Смее ли трети март (Сан Стефано) да биде бугарски национален ден?

Бугарија води војна против Македонија, која не може да биде „постудена“. Заедно со целата „интелигенција“, врвното раководство на земјата е мобилизирано со единствена цел – да докажат дека ние сме неосвестени „Бугари“. Свесни се дека или сега ќе го постигнат тоа или сите нивни забегани историски синдроми околу Македонците ќе паднат во вода. Капитулантскиот договор што го потпишавме им дава право да го докажуваат недокажливото и мора да се признае дека е должност на политичарите да ги користат таквите околности. Софија така и се однесува. Со сите сили настојуваат да присвојат клучен дел од нашата историја, со единствена цел да нѐ уверат во нашето бугарско потекло. Симболот на сето тоа е секако личноста на Гоце Делчев. Според нивните идеологии, тој е голем „Бугарин“ бидејќи се борел за Македонија ама како за втора бугарска држава. Делчев нема други историски заслуги за Бугарија. Ако, сепак, има, тогаш и ние треба да покажеме разбирање.

Тешко дека има поголемо понижување отколку да прифатиш да преговараш за својата историја со соседните држави. Токму тоа го направи нашава Македонија и сега не треба да се чудиме што ни се случува. Со потпишувањето на асиметричните договори со Бугарија и со Грција, Македонија се стави во зависна позиција чии последици можат да бидат судбоносни за опстанокот на македонскиот народ. Нашиве некадарни политичари не уверуваа дека со овие договори се решени проблемите со овие земји и тие стануваат наши пријатели, што беше невидена лага и тешка манипулација. Вистината е дека тие вековни проблеми беа само отворени и ставени на маса за понатамошна наша егзекуција. Со договорите не беше решено апсолутно ништо во наша корист.

Сега се уверуваме дека агресијата врз Македонија, и од страна на Атина ама особено од Софија, никогаш не била понагласена и поопасна. И двете се со јасни намери да му зададат завршен удар на македонскиот национален идентитет. Сметаат дека дошол моментот дефинитивно да се затвори „македонското прашање“. Впрочем, Софија отворено ни порачаа дека Македонија може во Унијата ама не и македонизмот, поточно – Македонците. И додека се случува сето тоа, нашите мудро молчат. И ако се јават, тресат зелени во смисла дека Делчев навистина се декларирал како Бугарин ама се борел за Македонија! Водата, демек, навистина врие на 100 степени ама затоа правиот агол има 90. Така некако беше шегата за тој што тврдел дека водата врие на 90.

Историските комисии се реалност и со Бугарија и со Грција и опасноста од катастрофални последици од нивната работа е сосема реална за нас. Ако бевме нормална држава со одговорни политичари, сега барем ќе се активираа сите надлежни капацитети за да им помогнеме на нашите комисии да се спаси макар тоа што може. За жал, тоа е ерес за политичарите што како носители на капитулацијата сега немаат образ да се борат за нашите интереси, кои веќе ги предадоа за џабе. Всушност, прашањето е дали академијата, Институтот за национална историја и сличните институции имаат добиено политички налог да не брануваат? Колку ли само „научници“ земаат плата во институтот, а ништо не сме чуле за нивни „важни“ откритија за нашата историја. Сега, наместо секојдневно да излегуваат со факти и аргументи и за Гоце и за сите други наши дејци (кои неизбежно ќе дојдат на ред во Софија) или да даваат сугестии и предлози што сѐ треба да ѝ се оспорува – сите молчат. Ако нешто, сепак, прават, јавноста е крајно сензибилизирана и треба да знае. Или, како и секаде, и таму добар дел се нечии деца, роднини, соседи…? Академијата, пак, веќе се докажа како неупотреблива за државните и националните прашања.
Овде ќе се обидеме да прецизираме една слаба точка на бугарската страна, што може да биде повод за наша иницијатива.

Од 1990 година, во Бугарија официјално се празнува 3 март како национален ден. Тоа е денот кога во 1878 година е потпишан прелиминарниот Санстефански мировен договор меѓу Русија и Отоманската Империја, која е поразена во нивната војна од 1877/78 година. Тој договор се нарекува прелиминарен бидејќи никогаш не влезе во сила и беше ревидиран по само три месеци, на 13 јуни истата 1878 година на Берлинскиот конгрес. По руските замисли, во Сан Стефано беше создадена голема Бугарија, која ја опфаќаше скоро цела Македонија, делови од Србија (Пирот, Врање…), од Грција (Северна Тракија и делови од Источна Тракија) и од Албанија (Корча…). Според договорот од Сан Стефано, Бугарија имаше над 170 илјади квадратни километри додека денес има околу 110 илјади. Русија ја создаваше голема Бугарија како вазална држава што беше спротивно на интересите на западните сили, кои не го прифатија овој договор. Русија беше присилена да се изврши ревизијата на договорот од Сан Стефано и потоа следуваше спроведување на тоа што беше договорено во Берлин. И Албанците беа незадоволни од договорот во Сан Стефано и, како последица на тоа, ја формираа Призренската лига чија цел е голема Албанија.
Многу години пред 1990 г., Софија го славеше 3 март како ден на ослободувањето што е исто така спорно од повеќе аспекти.

Изборот на Софија на 3 март како национален ден на земјата, е длабоко провокативен за сите соседни земја, особено за Македонија. Тоа отворено ги симболизира нивните иредентистички аспирации кон делови од неколку држави. Нема никаква основа, ниту оправдување, нешто што било прелиминарно и што воопшто не влегло во сила, Софија да го користи за свој национален ден.
Прашањето треба да се актуализира во преговорите што ги третираат историските прашања меѓу двете земји.

Благодарејќи на „гласноста“ на Софија, која е неоспорно „пријателска“, барем знаеме дека запнале околу Делчев. За комисиите со Грција, освен неколку вести од Атина, по обичај неповолни за Македонија, нашата јавност нема поим што работат и какви сѐ непринципиелни отстапки се направени од наша страна.

Интересно е што и Атина (индиректно, врзувајќи нѐ со Албанија) и Софија ни се закануваат и со блокада на датумот за преговори за членство во ЕУ, а и двете едвај чекаат да го добиеме бидејќи само преку нив можат да ни го искубат и тоа малку што ни остана од македонскиот национален идентитет.

Една од главните лекции во дипломатијата е дека односите со соседите се и најважни и најтешки. Речиси насекаде е така, не само на Балканот. Низ вековите, со соседите се делела историската судбина, во добро и во лошо, во војни и во соработка. Најчесто настаните на Балканот биле диригирани од други сили, кои имале сопствени интереси и за таа цел ги конфронтирале земјите од регионот. Се менувале окупаторите и границите, се разменувале дури и населенија, народите се мешале на разни начини и сето тоа оставило длабоки траги и последици, кои нормално се рефлектираат долги години потоа. Тие наследства секогаш се голем товар, а решенија многу тешко се наоѓаат. Така е на Блискиот и Далечниот Исток, така е во цела Азија, Африка и Латинска Америка. Во моментов, на пример, постојат шест, седум спорни гранични прашања меѓу САД и Канада, за кои малку се зборува…

Aвторот е поранешен дипломат